Доктор Тункалп од СЗО: Вакцините против ковид-19 се безбедни за трудниците, има примери за антитела во папочната врвца

Фото: mia.mk

Доктор Озге Тункалп од Светска здравствена организација (СЗО) изјави дека вакцините против ковид-19 се безбедни за бремените жени.

– Во моментот имаме многу малку информации за да ја процениме безбедноста на вакцините против ковид-19 и бременоста. Но, врз основа на она што го знаеме за видовите на достапни вакцини, многу од нив се РНК препарати и нема специфична причина да се сомневаме во нивната безбедност при вакцинирање на бремени жени, посочи д-р Тункалп.

Таа додаде дека бремени жени кои имаат висок ризик од инфекција или имаат истовремени болести кои ја комплицираат болеста, можат да се вакцинираат по консултација со нивниот лекар и нагласи дека бремените жени треба да примат вакцини одобрени од СЗО.

Прелиминарната студија на научници од повеќе универзитети во САД, објавена во Американскиот журнал за акушерство и гинекологија, покажува дека вакцините на „Модерна“ и на „Фајзер“, кои се РНК вакцини, испровоцирале силен имунитет кај бремени жени, како и кај доилките.

Но, истражувањето е спроведено на релативно мал број жени, односно 131, од кои 84 бремени, 31 доилки и 16 жени кои не биле бремени. За споредба, авторите на студијата користеле примероци од крв од 37 жени заразени со ковид-19 за време на бременоста.

Од бремените учесници, 13 се породиле за време на истражувањето, а кај 10 папочната врвца содржела антитела од вакцината, што укажува на тоа дека имунолошката одбрана од ковид-19 преминала од мајката на децата.

Сите примероци на доење земени по вакцинирањето беа исто така тестирани за антитела. По втората доза, видот на антитела познат како имуноглобулин Г значително се зголемил во мајчиното млеко.

Засега не е јасно каква заштита им даваат овие антитела на новороденчињата, ниту колку трае, но ова е почетна точка за подлабоко проучување на проблемот.

Сите 131 жена имале слични несакани ефекти – главоболка, замор и црвенило на местото на инјектирање. Несаканите ефекти биле релативно силни, без оглед дали жените биле бремени или не. По втората доза, околу една-третина од бремените жени имале треска, што се смета за ризик на бременоста посебно во првите три месеци.

Истражувањето не ги опфатило ризиците за ембрионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот