Доаѓа нова опасна жештина, Франција и Шпанија на готовс
Прелиминарните податоци од Шпанија и Франција покажуваат дека околу 1.000 луѓе починале во секоја од овие две земји како последица на екстремната топлина.
Шпанија и Франција се подготвуваат за можен нов топлотен бран, откако екстремните горештини во јуни, според прелиминарните податоци, предизвикале повеќе од 2.000 дополнителни смртни случаи во двете земји.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Шпанската метеоролошка агенција Аемет предупреди дека од сабота поголемиот дел од земјата ќе биде зафатен од маса сув и многу топол воздух. Температурите во делови од југоисточна Шпанија во вторник би можеле да достигнат меѓу 42 и 44 степени Целзиусови, пишува „Гардијан“.
„Температурите ќе почнат да растат во текот на викендот и не можеме да исклучиме нов топлотен бран“, изјави портпаролот на Аемет, Рубен дел Кампо.
Агенцијата предупреди дека високите температури би можеле да го зголемат ризикот од шумски пожари, особено следната недела. На постарите лица и на луѓето со кардиоваскуларни проблеми им се советува да бидат особено внимателни во најжешкиот дел од денот.
Според Аемет, минатиот месец бил вториот најтопол јуни регистриран во Шпанија, веднаш по јуни 2025 година, со просечна температура 3,2 степени над нормалата.
Прелиминарните податоци од Шпанија и Франција покажуваат дека околу 1.000 луѓе починале во секоја од овие две земји како последица на екстремната топлина.
Според податоците од шпанскиот систем за следење на смртноста МоМо, во јуни биле регистрирани 1.029 дополнителни смртни случаи поврзани со високите температури.
Француската агенција за јавно здравје соопшти дека 10-дневниот топлотен бран кон крајот на јуни предизвикал околу 1.000 дополнителни смртни случаи во периодот од 24 до 28 јуни, но конечниот број на жртви сè уште не е објавен.
Во Франција, службите за итни случаи забележале нагло зголемување на интервенциите поврзани со топлината. СОС-Медсен соопшти дека смртните случаи кај луѓето постари од 75 години се зголемиле за 85 проценти во последните две недели од јуни.
Повиците поради топлотен удар и дехидрација се зголемиле за 480, односно 315 проценти кај сите возрасни групи.
Француската министерка за спорт и млади, Марина Ферари, изјави дека од 19 јуни биле регистрирани повеќе од 90 смртни случаи од давење, што таа го поврза со обидите на луѓето да избегаат од горештините.
Екстремната топлина дополнително ја исуши јужна Франција, каде што пожарникарите се борат со неколку пожари што се шират поради силни ветрови. Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, изјави дека трите пожари, од кои два избувнале во близина на Марсеј, зафатиле вкупно 1.210 хектари.
Во парискиот регион, враќањето на високите температури предизвика навала во продавниците за клима-уреди. Во некои супермаркети на Лидл имало гужви и пренатрупаност, додека граѓаните се обидувале да купат поевтини уреди за ладење пред новиот топлотен бран.
Поради историски благите лета, малку домови и училишта во Франција имаат климатизација, што ја прави земјата особено ранлива на сè почестите топлотни бранови што научниците ги поврзуваат со климатските промени.
Сончаница или топлотен удар — еве како да ги препознаете опасните состојби


