До крајот на векот: Научниците предвидуваат повлажна и позелена иднина за пустината Сахара
Сахара е позната како едно од најсушните места на Земјата, каде што годишно паѓаат само околу 7,5 сантиметри дожд. Сепак, до крајот на векот ова би можело драстично да се промени.
Препорачано
Ново истражување од Универзитетот во Илиноис во Чикаго покажува дека до втората половина на 21 век, порастот на глобалните температури би можел да донесе многу повеќе дожд во овој регион, пишува „Саенс дејли“.
Треба да се напомене дека Сахара била зелена пред шест до осум илјади години.
Студијата, објавена во списанието „Клима и атмосферска наука“, предвидува дека Сахара би можела да добие до 75 проценти повеќе врнежи во споредба со историскиот просек. Слични зголемувања се предвидуваат за делови од Југоисточна и Централно-Јужна Африка под екстремни сценарија за климатски промени.
– Промените во моделите на врнежи ќе влијаат на милијарди луѓе, во Африка и пошироко. Треба да почнеме да планираме за справување со овие промени, од управување со поплави до усвојување култури отпорни на суша – објаснил водечкиот автор на студијата Тиери Ндетацин Тагуела, постдокторски соработник и климатолог на Колеџот за либерални уметности и науки на Универзитетот во Илиноис.
Тагуела нагласи дека разбирањето на влијанието на зголемувањето на температурите врз врнежите е клучно за развивање стратегии за адаптација.
Неговото истражување користеше пакет од 40 климатски модели за да симулира летни врнежи во Африка во втората половина на 21 век и ги спореди резултатите со историски податоци од 1965 до 2014 година. Испитани се две климатски сценарија – едно со умерени емисии на стакленички гасови, а другото со многу високи емисии.
Во двета сценарија, врнежите низ поголемиот дел од Африка се зголемуваат до крајот на векот, но степенот на промена варира од регион до регион.
Покажано е дека врнежите во Сахара ќе се зголемат за максимум 75 проценти, додека југоисточна Африка би можела да добие околу 25 проценти повеќе дожд, а централно-јужна Африка околу 17 проценти повеќе. Спротивно на тоа, се очекува поголема суша во југозападниот дел од континентот, со намалување на врнежите за околу пет проценти.
– Проекциите покажуваат дека Сахара ќе добие речиси двојно повеќе врнежи од дожд во споредба со историскиот просек, што е изненадувачки за регион кој е климатски екстремно сув. Иако повеќето модели се согласуваат со трендот на поголеми врнежи од дожд, сè уште постои значителна неизвесност околу точната количина на дожд. Подобрувањето на овие модели е од суштинско значење за зголемување на веродостојноста на регионалните прогнози – рекол Тагуела.
Зголемувањето на врнежите е главно поврзано со затоплувањето на атмосферата. Повисоките температури му овозможуваат на воздухот да задржи повеќе влага, што доведува до пообилни врнежи во одредени региони.
Промените во моделите на атмосферска циркулација, исто така, влијаат на тоа каде и како паѓа дождот, па затоа некои области може да се соочат со поголема влажност, а други со уште поголема суша.
– Разбирањето на физичките механизми што ги поттикнуваат врнежите е од суштинско значење за развивање стратегии за адаптација што можат да издржат и повлажна и посува иднина – заклучил Тагуела.


