Див паркинг - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Див паркинг - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Дивиот паркинг кај подвозникот на булеварот „Гоце Делчев“ невидлив за надлежните

Од Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ зошто дозволиле возачите на овој начин да го блокираат делот наменет за пешаци и како ќе се справат со овој проблем

Од почетокот на подвозникот сместен под плоштадот „Скендербег“ па сè до мостот „Гоце Делчев“, тротоарот што води покрај булеварот веќе некое време ја изгуби својата основна функција – да им служи на пешаците, затоа што секојдневно е узурпиран со десетици возила паркирани едно зад друго од возачи што веројатно работат во таа област.

Див паркинг - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Див паркинг – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Голем број тротоари и зелени површини низ Скопје со години се под опсада од секакви возила на граѓани што се паркираат буквално каде ќе стигнат за побрзо да завршат некоја обврска, да бидат поблиску до работното место за да не им се „фати“ многу пешачење до работа, а секако ги има и оние што ги оставаат своите возила во непосредна близина од своето омилено кафуле каде што секојдневно го испиваат своето кафе.

„Инвазијата“ на возила по скопските улици е предизвикана и од зголемениот број граѓани што живеат во градот, а тој број постојано расте, а со тоа се зголемува и бројот на автомобили, кои немајќи каде да се паркираат поради многубројните неуспешни проекти и замисли на општините за катни гаражи и големи паркинзи, возачите на некој начин се приморани своите возила да ги оставаат онаму каде што ќе најдат слободно „ќоше“, без разлика дали е тротоар, островче, пешачка патека, на десната лента од булеварите, како и низ зелените површини.

Див паркинг - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Див паркинг – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Возачите фасцинантно секогаш успеваат да најдат паркинг, особено ако најдат некое ново „недопрено“ земјиште или поширок тротоар каде што не може да влезе „пајакот“, а кога другите возачи ќе видат дека има паркинг што е бесплатен и е далеку од „окото“ на надлежните, навалуваат и почнуваат активно да се паркираат на таа локација што од празно земјиште „еволуира“ во див паркинг.

„Слободен печат“ постојано ги потенцира овие нелегални паркиралишта што се без „стопан“, надвор од мрежата на зонско паркирање и далеку од канџите на скопските „пајаци“. Такви примери има насекаде низ градот, во населбата Автокоманда, низ Центар, особено локацијата веднаш до зградата на Народна банка на Македонија, за која ниту една институција од оние што би можеле да бидат надлежни, односно Градски паркинг, Општина Центар и Град Скопје, не дадоа конкретен одговор под чија „капа“ е овој простор кој низ годините преминал во диво паркиралиште, ниту, пак, информираа дали имаат некаков план или идеја да го спречат овој вид нелегално паркирање.

Див паркинг - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Див паркинг – Фото Слободен печат – Методи Здравев

За новиот див паркинг сместен на тротоарот во должина на булеварот „Гоце Делчев“, „Слободен печат“ испрати прашања до Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ зошто дозволиле возачите на овој начин да го блокираат делот наменет за пешаци и како ќе се справат со овој проблем, но оттаму одговор, како и во поголем дел од случаите, не добивме.

ЈП „Градски паркинг“ патем раководат со зонско паркиралиште веднаш отспротива од оваа локација, како и со осум возила „пајак“, кои секогаш се на висина на задачата кога ќе бидат испратени да го регулираат незаконското паркирање, но очигледно не и во овој случај. Можеби претпријатието сè уште не ги забележало паркирани десетиците автомобили во должина на еден од најфреквентните булевари во градот, па веруваме дека фотографиите што им ги испративме, ќе ги мотивираат да го ослободат тротоарот од десетиците нелегално паркирани возила.

Див паркинг - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Див паркинг – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот