Дискредитација на ликот на Јане и неговата политика (8)

Големиот македонски револуционер Јане Сандански

„Највлијателниот мислител“ за определување на антисанданистичката „идејната насока“ е Ванчо Михајлов, кој го карактеризирал санданизмот како „раскол во ВМРО“ и тоа „поттикнат од неколкумина со левичарски убедувања…“ Таквите антисанданистички тези се преземаат и натаму се разработуваат во разни правци и се поткрепуваат со разни „аргументи“.

Еден од првите кој жестоко го обвинувал и осудувал Сандански за зачетник на „братоубиствата“ и за воспоставување „тиранска власт“ во Серскиот револуционерен округ на МРО е Христо Силјанов. Овој, денес и кај нас некритички преземан „историограф“ на македонската револуционерна борба од илинденскиот период, ги запишал, веројатно, едни од најдеградирачките зборови за моралниот лик на Сандански, па вели: „Да ги суди другите за заговор и за незаконски дејства е позиција што воопшто не му прилега на Сандански, затоа што дотогашната историја на Македонското револуционерно движење не познава помрачен, понезаконски и посуров заговорник од него. Еволуционист и ‘културтрегер’, а ги држи организациските работници потчинети преку најкрвав терор, борец за најдемократски устав, а фактички сатрап со страст…“

Инаку, зборот „kulturtreger“ е германски збор, кој значи „носител на културата“. Се користи како ироничен и зајадлив термин за оние што се поробители и експлоататори, а таквата своја улога ја прикриваат преку наводното ширење на културата. Да се карактеризира Јане Сандански со тој термин, со терминот „сатрап со страст“, е навистина скандалозно и далеку од реалната историска вистина.

Дискредитација на левицата

„Највлијателниот мислител“ за определување на антисанданистичката „идејната насока“ е Ванчо Михајлов, кој го карактеризирал санданизмот како „раскол во ВМРО“ и тоа „поттикнат од неколкумина со левичарски убедувања…“ Таквите антисанданистички тези се преземаат и натаму се разработуваат во разни правци и се поткрепуваат со разни „аргументи“. Крајната цел е да се дискредитираат ликот на Јане и неговата политика, како и онаа на неговите приврзаници и следбеници, а со сето тоа да се омаловажи и уништи идејата за самостојност на македонската ослободителна борба и за самостоен македонски државен развој.

Димо Хаџи Димов и Јане Сандански

За создавањето на ваквата „негативна“ слика на Сандански, треба да се истакне и влијанието на веќе споменатиот Христо Силјанов, кој пишува дека „социјалистичкото влијание на хаџидимовци, безогледниот реформизам и тиранската власт на Сандански, касапскиот садизам на неговиот телохранител Гошо Мохаџирчето и хајката против официјална Бугарија – беа нешта што не можеа да не предизвикаат незадоволства во Серскиот округ, особено од легалните дејци“ и дека фактички тоа било причината за расцепот во македонското револуционерно движење и за меѓусебните идејни и вооружени пресметки во годините што следувале.

Наспроти тоа, Силјанов се труди да ги ослободи од каква било вина за меѓусебните разидувања и убиства, Матов, Сарафов и другите раководители од „десницата“, па пишува: „И во другиот блок имаше поединци кои мислеа дека не треба да се губи време во колебања. Но водачите не мислеа така. Целосно предадени на борбата против пропагандите, тие водеа сметка за последиците од едно ново самоистребување и препорачуваа воздржаност и трпение. Иако речиси ја загубија надежта за договор, тие мислеа задолжително да се свика нов општ конгрес на кој би се направил последен обид за единство, а доколку не се успее, тогаш да се донесат соодветни законски одлуки по однос на оние кои се отцепија…“

Националистичката пробугарска пропаганда смета дека под влијание на „левичарите“ групирани околу Сандански се случил идеен и национален „раскол“ во македонското движење, кое е дел од бугарското националноослободително движење, се случил еден отворен „братоубиствен“ судир на централистите и врховистите, односно на левицата и десницата во македонското револуционерно движење. Десничарските историографи повикувајќи се на спомените од дел од основачите на МРО, пред сè на оние на Христо Татарчев, ја фаворизираат тезата дека МРО и ВМК дејствувале за постигнување на „автономија на Македонија“ како преодна етапа кон соединувањето кон Бугарија.

Според оваа историографска нарација, иако МРО и ВМК имале иста цел – ослободување и обединување на македонските Бугари со оние во веќе ослободеното Кнежество – се разликувале во тактиката за како тоа да се постигне. Додека ВМК смета дека ослободувањето треба да се направи со дипломатска, финансиска и воена помош од Бугарија, МРО смета дека самостојно треба да се извојува слободата. Тие велат дека Сандански смислено бил издигнат на пиедесталот на „(нај)важен револуционер“ од македонските и бугарските комунисти, со цел да се збришат „заслугите во националноослободителните борби на докажаните бугарски родољуби и борци, кои го дале животот во борбата за слобода на Македонија…“.

Контекстот на аферата „Мис Стон“

Во своите „Спомени“, Ангел Узунов, повикувајќи се на егзархиски документи, го обвинува Сандански за кражби и убиства. Тој пренесува писмо од свештеникот во Мелник, Сава Попов, од 16 септември 1912, во кое било запишано дека Сандански проневерил „150.000 златни гроша кои ги одобри владата (турската – м.з.) како помош за изградба на цркви“ во неколку села околу Мелник. Во писмото стоело и дека Сандански формира „една чета од осум души‚ аскер казаци предводени од Ќосето Сугарски и Димитар Лилјански и го брише секој за кој ќе му кажат или сам ќе констатира дека е човек со отворени очи…“ Потоа наведува имиња на лица кои, наводно, биле убиени од Сандански. Овој егзархиски свештеник заклучува: „Сандански убива невини луѓе, чиишто роднини се плашат да ја известат власта за убиствата, а власта, од своја страна, и да чуе, не ѝ е грижа, поради што населението е преплашено, зашто ја гледа негрижата на властите…“

Објава за Мис Стон во весникот Акрон дејли демократ/Фото: October 17, 1901. Akron Daily Democrat (Akron, OH), Image 1. Chronicling America: Historic American Newspapers.

Не може да се „почитува“ Јане, кој бил „соработник“ на „турската, руската и српската политичка полиција“, а со единствена цел да се ослаби ослободителното движење на Бугарите во поробените краишта и да биде оневозможено обединувањето на бугарскиот народ, велат бугарските антисандинистички и антикомунистички записи. Не може да биде Јане доблесен револуционер, ако со „киднапирањето“ на американската мисионерка Елен Стон фактички направил кршење на човековите права, што и тогаш и денес е „злосторство“ и со што нанел ненадоместлива штета на угледот на македонската револуционерна организација пред меѓународната јавност.

Впрочем, тврдат некои денешни пробугарски десничарски ревизионисти, „киднапирањето“ како начин на дејствување „не кореспондира со моралниот код на македонскиот војвода“. Ваквите тврдења се темелат врз вадење на настанот со мисионерката Елен Стон од контекстот на времето и место на случување и интерполирањето на поимната апаратура од современоста на едно друго историско време. Впрочем, ваквите манипулации се аргументирано побиени од нашата историчарка Македонка Митрова во статијата „Аферата мис Стон; низ современите теории на тероризмот“, од 2007 година, во зборникот „Јане Сандански и македонското ослободително дело“.

 (продолжува)

Прочитајте ги и другите делови од фељтонот: Јане Сандански и санданизмот во македонското ослободително дело

ПРВ ДЕЛ: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот