Дијабетичарите пак се жалат оти извисија – само 18 проценти од оние со дијабетес тип 1 ќе добијат сензор од државата
На крајот на старата година, на 31 декември, Министерството за здравство објави двегодишен тендер за набавка на сензори за континуирано следење на шеќерот за дијабетичарите со дијабетес тип 1.
Препорачано
Но, од Сојузот на здруженија на дијабетичари го критикуваат повикот и велат дека со него „уште еднаш се потврдило дека 3.900 лица со дијабетес тип 1 не се приоритет во здравствените политики на државата“.
Со овој повик, за период од 24 месеци, се предвидува зголемување на бројот на корисници за само 150 лица, со што вкупниот број поддржани пациенти ќе достигне 800. Тоа се само околу 18 проценти од вкупно регистрираните 4.800 лица со дијабетес тип 1 во државата, вели Диме Велев претседател на Сојузот за „Слободен печат“.
Тој додава дека ова не е напредок туку стагнација и директно кршење на очекувањата на лицата со дијабетес тип 1. Во тендерската спецификација за јавната набавка Министерството за здравство бара систем за континуирано мониторирање на гликоза базирани на сензори со интегриран или посебен трансмитер за 150 лица.

Ако се обезбедува систем за следење гликоза со одвоен систем линк, потребно е да се испорача и трансмитер. Ако времетраењето на системот за следење е 7 дена, потребно е да се испорачаат 105 системи по пациент, за две години 15. 750 парчиња. Сензорот за глукозно мониторирање да е одобрен кај педијатриска и возрасна популација, пишува во тендерската спецификација објавена на сајтот на Бирото за јавни набавки.
Од Сојузот на здруженија на дијабетичари пак, велат оти властите ветуваа дека до 2025 година најмалку 1.500 лица со дијабетес тип 1 ќе бидат опфатени со CGM технологија.
-Наместо исполнување на ова ветување, сведоци сме на континуирано одложување, минимален опфат и целосно отсуство на долгорочна стратегија. Македонија и понатаму е далеку под препораките на Светската здравствена организација, која јасно укажува дека CGM системите не се „луксуз“, туку стандард на грижа за лицата со дијабетес тип 1. Недостапноста на овие технологии резултира со полошо регулиран дијабетес, зголемен ризик од компликации и значително поголеми трошоци за здравствениот систем на долг рок.
Со други зборови, државата свесно избира да штеди на превенција, а подоцна да плаќа повеќекратно за компликации – по цена на здравјето и животниот квалитет на пациентите, велат од Сојузот.
Оттаму се особено загрижени што и понатаму постои реална опасност критериумот „најниска цена“ да биде поважен од квалитетот, точноста и безбедноста на CGM системите.
Вториот дел од јавната набавка опфаќа набавка на 600 систем-линкови за поврзување преку сензор со пренос на податоци на апликација на мобилен телефон и 28.800 сензори за поткожно глукозно континуирано мониторирање кој се поврзува со линк системот за пренос на податоци на апликација на мобилен телефон за 7 дена. Во третиот дел од јавната набавка се бараат 700 систем линкови за поврзување преку сензор со пренос на податоци на апликација на мобилен телефон и 16.800 сензори за поткожно мониторирање кој се поврзува со линк-системот за пренос на податоци на апликација на мобилен телефон за 14 дена.


Дијабетичарите јасно и недвосмислено порачуваат дека квалитетот на сензорите не смее да биде жртвуван заради буџетски компромиси.
-Ќе продолжиме јавно, гласно и аргументирано да реагираме, затоа што правото на современа и квалитетна терапија не е привилегија туку основно право на секој пациент со дијабетес тип 1, велат од Сојузот.
Минатиот тендер за сензори за мерење гликемија во крвта за дијабетес тип 1 беше критикуван. Конкретно таткото на пациентката Јана Костадиновска која е дете на возраст од 11 години, Костадин, јавно критикуваше дека сензорите што државата им ги дала за мерење на гликемија траеле 3 дена наместо две недели. Според Костадин Костадиновски тоа придонесувало за големи семејни трошоци, бидејќи самите дополнително набавувале сензори, трошок што месечно достигнувал и до плус 100 евра.
Сојузот на здруженија на дијабетичари со години бара референтна цена за терапијата и за сите медицински помагала. Тоа со едноставни зборови значи, дека тие бараат државата наместо на тендер да обезбедува глукомери, игли и сензори, на секој дијабетичар да му дава одредена сума во вид на ваучер, па пациентите самите да си одлучат што ќе купат во износ од таа цена во комерцијалните аптеки.
Но, барањата не им се услишани и државата продолжува да спроведува тендери преку Министерството за здравство.


