Деспотовски: Tреба да донесеме и сериозни одлуки и да направиме нов голем чекор со учеството на ЕвроВолеј 2026
Одбојкарската федерација на Македонија, можеби, како никогаш досега имаше долго и топло лето, со полна работна агенда. Од 15 мај кога стартуваа подготовките на машкиот и женскиот А национален тим за настапите во Европската Златна, односно Сребрена лига, преку БВА Балканските шампионати за младинските селекции, организацијата и учеството на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ 2025), па се до евро-квалификациите и за машката и за женската сениорска репрезентација, кои финишираа на 17 август.
Препорачано
Три месеци макотрпна работа крунисана со четвртиот пласман во низа на машката репрезентација на Европското првенство 2026, што е само континуитет на еден процес, кој трае години наназад. Паралелно, во подем е и женската А селекција, која донесе прва радост на европско тло по пауза од 17 години, со победата над Луксембург во Европската Сребрена лига. Не застанаа дамите само на тоа, напротив покажаа дека и женската репрезентативна одбојка има позитивна градација, само треба да се остане истраен во работата. Базата е најважна, а дека имаме основа и квалитет во генерациите кои доаѓаат потврдија младинските селекции со настапите на Балканијадите и ЕМОФ 2025.
Генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски, внимателно ги следеше сите активности на националните селекции и како еден од нај инволвираните во комплетната организација и логистичка поддршка, прави и сублимат на сите случувања и постигнати резултати.
– Круна на комплетната работа на секој поединец во Федерацијата во изминативе три месеци, како и на комплетниот машки национален тим е пласманот на Европското првенство 2026. Слободно можам да кажам дека максимално се вложивме, а постигнатите резултати се најдобар показател за работата на Федерацијата. Покажавме голема сериозност, ова зборувам и за машката и за женската репрезентација во настапите прво во Златната и Сребрената Европска лига. Ако претходно (ова особено се однесува за мажите) настапите во Европската лига се гледале како „подготвителни натпревари“ за некоја повисока цел, сега резултатите го потврдуваат спротивното. Имаме најуспешен настап во „златното“ друштво досега и со обезбедено учество за следната година. Дамите, пак, добија втора шанса во Сребрената лига, која максимално ја искористија. Не беа само учесник, туку победуваа и се бореа. Одиграа силни натпревари, квалитетни, нè израдуваа со прв триумф во Европа по пауза од 17 години – нè направија горди. Во евро-квалификациите, во последниот меч со Австрија покажаа дека доколку го задржиме високото ниво на работа на оваа генерација како и во претходните три години, многу брзо ќе можеме да се носиме и надигруваме и со посериозни екипи – вели генералниот секретар Филип Деспотовски.
По трите Европски првенства во низа, Деспотовски открива дека оваа генерација репрезентативци, чии дел беше и тој, имала план, кој е успешно реализиран.
– Планот на мојата генерација – јас така ја нарекувам бидејќи до неодамна бев дел од тимот, беше на следната генерација да се остави настап на ЕП. Со пласманот на ЕвроВолеј 2026 планот е успешно реализиран. Сакавме да оставиме нешто во наследство за следната генерација, за да не мора и тие како нас да почнуваат од нула. Летвичката е крената високо и континуитетот продолжува – се зборовите на Деспотовски на официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија.
Одбојкарската федерација на Македонија наградена со три милиони денари
– СО НОВА ГОЛЕМА ОРГАНИЗАЦИЈА ДА ИЗНЕНАДИМЕ ВО 2028
Деспотовоски потенцира дека мора да се задржи и континуитетот на сериозна работа со која ќе им се овозможат беспрекорни услови за работа на репрезентациите:
– Нè чека сериозна работа во следните години, кога ќе треба да донесеме и сериозни одлуки и да направиме нов голем чекор со учеството на ЕвроВолеј 2026, на кое сум сигурен дека ќе се појават некои нови лица (мислам на играчи). Се надеваме дека по тој континентален собир, во 2028 година ќе ги изненадиме сите повторно со некоја голема организација. Неизмерно многу значи и поддршката која ја имаме од Министерството за спорт и од партнерите на Федерацијата, која овозможува и на сите репрезентации да им понудиме беспрекорни услови за подготовки и за реализација на комплетниот план и програма на селекторите – рече Деспотовски.


