Денеска се одбележува Светскиот ден на книгата и авторското право: „Една книга, едно пенкало, едно дете и еден наставник може да го променат светот“
Светскиот ден на книгата се празнува секоја година низ целиот свет, а востановен е од УНЕСКО во 1995 година. Овој ден е поврзан со брилијантните личности на пишаниот збор како Мигуел де Сервантес, Вилијам Шекспир, Лопе Де Вега.
Препорачано
Зошто токму 23 април?
Приказната, зошто токму овој датум е избран е многу интересна. Првичната идеја да се слави 23 април започнала во 1923 година во Шпанија. Идејата била на Висенте Клавел Андрес, писател од Валенсија. Тој сметал дека потребно е да се најде начин како да се слави ликот и делото на Мигел де Сервантес авторот на „Дон Кихот“. Тој предложил да има две чествувања, едното да биде на 7 октомври, датумот на раѓање на Сервантес и на 23 април, денот кога починал.
Но, УНЕСКО го одбрал 23 април во 1995 година за Ден на книгата и авторските права, поради уште една причина, на овој датум починал и доајенот на драматургијата, Вилијам Шекспир, но и уште неколку големи имиња од светот на книжевноста.
Еден од поинтересните историски факти е тоа што и Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир починале на истиот датум, 23 април 1616, но не и на истиот ден. Имено, во тоа време, Шпанија се водела според Грегоријанскиот календар, а Англија според Јулијанскиот календар, па така, Сервантес всушност починал 10 дена пред Шекспир, иако датумот е ист.
Книгата е најверен пријател. Никогаш не осудува, никогаш не се расправа, никогаш не „соли“ памет. Книгата е покрај нас и во најтешките времиња и мудро, како што книгата само тоа го може, ни подава рака за да излеземе од лавиринтите и хаосот на животот.
Мудри мисли од истакнатите книжевници:
- Читањето е разговор. Сите книги зборуваат. Но, добрата книга знае и да слуша – Марк Хадон.
- Куќа без книги е како соба без прозорци – Хајнрих Ман.
- Не постои пријател кој е лојален колку книгата – Ернест Хемингвеј.
- Да запомнеме: една книга, едно пенкало, едно дете и еден наставник може да го променат светот – Малала Јусуфзаи.
- Сметам дека телевизија е доста едукативна. Секојпат кога некој го вклучува, јас одам во другата соба и читам книга – Граучо Маркс.
- Отсекогаш замислував дека рајот би изгледал како библиотека – Хорхе Луис Борхес.
- Книгите се уникатна пренослива магија – Стивен Кинг.
- Секој што вели дека имаме само еден живот за живеење, сигурно не знае како да чита книги.
- Ако ги читаш само книгите што другите ги читаат, тогаш го мислиш истото што го мислат другите – Харуки Мураками


