Ден за историја: Пелистер го игра кошаркарското европско деби
Денешниот ден ќе остане запаметен во историјата на кошаркарскиот клуб Пелистер бидејќи токму денеска „зелено-белите“ ќе го одиграат првиот официјален европски натпревар во своето постоење.
Препорачано
„Пелистерци“ се дел од еден од трите квалификациски турнири за Лигата на шампионите на ФИБА, па денеска со почеток од 15.30 часот во Самоков, Бугарија, ќе истрчаат на терен против Реџо Емилија.
Јасно е дека италијанскиот клуб ќе ја има фаворитската улога на овој меч, но тренерот Борче Даскаловски и сите кошаркари се решени да го дадат максимимот за да се стигне до позитивен резултат. Во случај на неуспех, битолски Пелистер ќе продолжи да биде дел од европските натпреварувања, и тоа во групната фаза од ФИБА Купот, во која за противници ќе ги има Цедевита јуниор од Хрватска, Патриоти Левице од Словачка и Керавнос од Кипар.
„Пелистерци“ ќе бидат значително ослабени во рекетот со неиграњето на Џордан Скипер Браун (го напушти клубот поради семејни проблеми) и Ленгстон Вилсон (задоцнет сертификат за да може да биде пријавен во ФИБА), но без оглед на тоа желбата кај сите за покажување во вистинско светло е на највисоко ниво.
– Реџо Емилија е тим што е исклучително квалитетен, на чело со грчкиот стратег Пифтис кого добро го познавам. Можам да кажам дека странските кошаркари им се сериозни, играат на високо ниво многу години и тоа е едно поинакво ниво за нас, а за мене е чест и задоволство што можеме да излеземе на терен со таков ривал. Секако, ќе дадеме сѐ од себе за достојно да го претставиме клубот, но и македонската кошарка. Ова е тренд што треба да го следат и останатите, преку европски натпревари да се добива искуство и квалитет – вели Даскаловски.
Преземено од: Спорт.ком.мк


