Делото „Потекло“ од Саша Станишиќ е духовит и живописен роман

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамките на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“ ја објави книгата „Потекло“ од босанско-германскиот автор Саша Станишиќ. Станува збор за третиот роман на Станишиќ, добитник на најзначајната германска книжевна награда „Deutscher Buchpreis“ за 2019 година.

Во „Потекло“ авторот раскажува за своето детство во родниот Вишеград, созревањето во германскиот Хајделберг и доаѓањето во посета кај својата болна баба во Босна. Тоа е роман на сеќавања и спомени, во кој писателот сопственото искуство го преплетува со семејни анегдоти, градејќи ја одново приказната за своето семејство.

– Вака стојат нештата: земјата во која сум се родил денес веќе ја нема. Додека постоеше, се сметав себеси за Југословен. Како и моите родители: татко ми – Србин, a мајка ми – од бошњачко-муслиманско семејство. Бев дете на мултиетничка земја, плод и исповед на двајца луѓе што се сакале и кои југословенскиот „melting pot“ ги ослободил од притисокот на различното потекло и религија – пишува Станишиќ во романот.

Топол, близок, духовит и живописен роман, „Потекло“ ја плени германската публика, а веќе почна да го освојува и Балканот. Преводот на изданието на македонски од германски јазик е дело на Елена Конеска-Светиева, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, Министерството за култура на РСМ и книжевната мрежа „Традуки“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 90, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот