Дел од вработените во Железница 10 дена без греење

воз скопје железничка станица возови
Железничка Скопје/ Фото: МИА

Од 20 јануари вработените во работилниците на Влеча на возови се оставени без греење. Тие реагираат дека не само што се оставени без плата, туку и се смрзнуваат.

– На овие ниски температури сме оставени без никакво греење. Не само што нема во работилницата, туку нема никакво греење ниту во канцеларијата што ја имаме, за да влеземе па накратко да се згрееме. Јас сум 35 години во Железница и овие простории секогаш биле загревани со сопствено парно греење на мазут. Добивме одговор дека мазут има, но дека стравуваат да не бидат казнети за згадување на животната средина – изјави за „Слободен печат“ Ѓоко Илиевски, претседател на синдикалната организација на подружницата Влеча на возови.

Тој вели дека е загрижувачко што сè уште не ја добиле декемвриската плата.

– Прво ни рекоа ќе ни ја дадат на два дела, потоа цела на 25-ти, но еве и денеска сме без плата – изјави вчера Илиевски.

Околу 80 работници, пак, чекаат да им бидат потпишани нови договори за работа, затоа што претходните што се на одредено време истекуваат. Според Илиевски, ако не им се продолжат договорите на овие работници што извршуваат суштински работи, во железницата нема да може да се одвива нормално сообраќајот.

– И така имаме проблем со кадар, а тој ќе биде уште понагласен. Некогаш на одржувањето на возовите работеа 600 вработени, сега се накај 100 и ако се додадат машиновозачите, клучни работници во овој сектор се само околу 160 – вели Илиевски.

Во МЖ Транспорт има околу 900 вработени.

„Слободен печат“ побара одговори од МЖ Транспорт за греењето, платите и за новите вработувања, но засега одговор не добивме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот