Дехари со порака со СФМ: Не удирајте по спортистите и тренерите, немојте да ни ја убивате надежта дека успесите се остваруваат на терен

фото: МИА

Знаменосецот на свеченото отворање на Зимските олимписки игри во Пекинг, Дардан Дехари, е револтиран на односот на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) кон него и неговиот тренер Антонио Ристевски.

Во текот на вчерашниот ден, Ристевски со објава на својот профил на Фејсбук објави дека додека е со Дехари во Пекинг, СФМ бара од него да каже каде е.
Претседателот на СФМ, Огњан Циговски во изјава за весникот „Слободен печат“ рече Федерацијата има право да знае каде е и што работи тренерот Ристовски кој е вработен во СФМ и дека треба да достави извештај за својата работа.

– Никој не споменал никакво бркање од работа, никаков отказ на Ристевски. Едноставно, Федерацијата формално-правно како работодавач на Ристевски треба да биде известена од него каде е и што работи. Тој 11 месеци не го сторил тоа. Ние го плаќаме и сакаме да имаме информации од него што работи. Тој 11 месеци не се појавил во Федерацијата. Не кажал кого тренира, каде тренира, зошто тренира. Тоа е преписката. Како работодавец сакаме да знаеме што тој работи. Секој месец тој добива плата, а од него немаме информации што работи. Ако тренира врвни скијачи, нека каже каде, кого тренира. Ние дадовме согласност и писмо тој да оди на ЗОИ заедно со Дардан Дехари – изјави меѓу другото Циговски за весникот „Слободен печат“.

Ставре Јада заврши на 86 место во квалификациите во нордиско скијање

Денеска се огласи и Дехари кој е разочаран од односот на СФМ, која ги игнорирала неговите обиди за контакт за да се разговара за неговите репрезентативни активности. Најдобриот македонски скијач исто така е револтиран и од податокот дека Федерацијата не го пријавила за спортскиот ваучер кој би му овозможил да има финансиски средства за подготовки и настапи годинава.

„Длабоко жалам што доживеав повреда која ме спречи да се борам на ски патеките на ЗОИ во Пекинг. Иако мојот тренер за да ме заштити, ми забрани да го пишувам ова, јас чувствувам морална и човечка обврска да напишам неколку збора во интерес на вистината. Морам да кажам дека и една од причините за целиот тој напад и омаловажување према тренерот Антонио сум и јас. Антонио беше тој кој цврсто застана зад спортските резултати и го носеше целиот товар изминатава сезона и покрај сите сопки од врвот на Скијачката Федерација.

Замислете, јас како најдобар македонски скијач во моментов, по резултати од мината сезона , не бев ниту повикан, ниту било како исконтактиран од страна на СФМ до денешен ден за било какви активности во врска со репрезентацијата, иако ги имам исполнето сите критериуми да ги бранам боите на Македонија.

На неколку наврати се обидов да стапам во контакт со некој од СФМ, а најмногу со претседателот Циговски за да дознаам што е работата, за што ѝ им испратив уредно допис за моите резултати и програма. Ги потсетив кои обврски како СФМ се должни да ги направат за тековната олимписка сезона (бидејки очигледно не ги знаат моите резултати), но од нив немаше ниту трага ниту глас.

Па така на сопствен трошок и со помош од МОК, заедно со тренерот Антонио им покажавме и докажавме како се работи и дека со пари резултати не се купуваат! Наместо ние да се бориме со нашите противници на терен за што е можно подобар резултат, ние очигледно мораме да се бориме со „нашите” домашни противници.

Замислете , јас сум на ЗОИ да преставувам држава и федерација, а не сум ниту спомнат во листата за ваучери испратена од страна на СФМ до Агенција за млади и спорт. Благодарност до сите кои ми помогнаа сите овие години, а особено последнава сезона , кои несебично и искрено застанаа зад мене за да го остварам мојот животен спортски сон, кој за жал како што сите знаете поради повредата која ја заработив на тренинг тука во Пекинг, нема да можам го остварам во сонот во целост. Но што е тука е , јас одам со главата горе затоа што знам  кој сум и што се сум направил во мојата кариера за мојата држава , федерација и националното спортско скијање“, објави Дехари. 

Федерацијата и тренерот на алпинците во клинч

Мојата порака е: Не удирајте по спортистите и тренерите, немојте да ни ја убивате надежта дека спортските успеси се остваруваат на терен, а не на зелена маса и со административни одлуки, пишува Дехари.

Дардан Дехари доживеа неверојатен пех поради кој нема да настапи на Игрите, тој на еден од тренинзите го повреди коленото. Деталните лекарски прегледи покажаа дека станува збор за кинење на лигаментот поради што врз Дехари во Пекинг е извршен оперативен зафат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот