Децата со аутизам тешко го остваруваат правото на асистент

Во Скопскиот регион има 1.236 ученици со посебни образовни потреби, од кои 513 со дијагностицирана попреченост, а само 139 асистенти, па родителите се принудени или да плаќаат асистент од сопстениот џеб или самите да седат со нов на часовите.

Децата со аутизам и останатите ученици со посебни образовни потреби (ПОП) имаат законско право на асистент во наставата, но во реалноста мал број го остваруваат ова право. Поголемиот дел од родителите се принудени или самите да седат на наставата како придружба на своите деца или да плаќаат приватно асистент, затоа што државни – нема.

Според најновиот Закон за основно образование, секој ученик со ПОП има право на образовен или личен асистент што ќе биде платен од Министерството за образование, но според последниот извештај на Народниот правобранител од декември 2019 година, во Скопскиот регион има 1.236 ученици со посебни образовни потреби, од кои 513 со дијагностицирана попреченост, а само 139 асистенти.

– Во прво одделение мојот син кој има аутизам имаше асистент што ние приватно го плаќавме. Тогаш немаше асистенти од општината. Но, немавме пари за да продолжиме да плаќаме и од второто полугодие моето дете остана без асистент, заради што не седеше цел ден на настава како сите деца, туку скратено, само три часа и така до петто одделение – раскажува мајка на седмоодделенец што учи во деветолетка во општина Центар.

Таа во петто одделение седела со детето на часовите, а во шесто одделение за првпат добиле асистент од општината. Но, од оваа учебна година повторно нема асистент, и оваа високообразована и работоспособна мајка, наместо да заработува за семејството и да придонесува за општеството, е принудена да седи во школските клупи на сите часови, за да може нејзиниот син да ја посетува наставата и при тоа, како што вели, се да е во ред.

– Упатив барања кај сите можни институции, Општина Центар, Министерството за труд и социјала, Министерството за образование, Народниот правобранител и секаде креваа раменици и ме препраќаа во круг од една во друга институција. Ми одговараа дека немале пари за сите, дека нема дискриминација иако некои деца добија асистент, а повеќето не. И повторно ние родителите останавме сами на себе. Јас не можам да работам затоа што мора да седам со детето на училиште, а за тоа сум неплатена. Живееме од една плата од сопругот и посебниот додаток од 5.000 денари и нека одговорат надлежните, како да се преживее? Барав насекаде да бидам прифатена како асистент на моето дете, а одговорот беше дека не сакаат родител да е асистент на своето дете и тие да го плаќаат. Значи беспари може да седам на часовите, а ако треба да се плати на родителот, тогаш родителот не смее да е асистент на своето дете – објаснува нашата соговорничка и додава дека остарела предвреме од проблемите и обесправеноста.

– Системот не чини и не се мислат да го поправат – заклучува таа.

Во скопско 513 ученици со попреченост

Асистентите што моментно се во училиштата не ги вработува државата, туку се ангажирани преку проект за општинско-корисна работа што го спроведуваат општините, а го реализира и го плаќа УНДП. Асистентите за ангажманот добиваат околу 8.000 денари месечно, па се случува и да го напуштат ако најдат вработување на друго место.

– Мојот син, кој има аутизам и сега е трето одделение досега смени четири асистенти и конечно четвртата личност се погоди. Претходните не беа соодветни за таков ангажман или си одеа откако ќе се вработеа, а од едниот, детето ми стана поагресивно. Асистентот не беше соодветно обучен и го терал син ми некои работи да ги учи на сила, па тој стана понервозен. Некои аситенти ги доплаќав плус по 6.000 денари месечно за да ми го чуваат детето и после училиште до времето кога завршува нашето работно време, но сега работам со скратено работно време, што повеќе ми одговара – вели мајка на ученик од училиште во Карпош.

Таа додава дека децата со аутизам не сакаат промени и за нив не е добро честото менување на асистентите и апелира во училиштата да се ангажираат соодветно обучени асистенти.

Според моментната општоприфатена кратка дефиниција, аутизмот е нарушување во невролошкиот развој кое се одликува со намалена способност за социјализација и комуникација и со ограничено и повторливо однесување. Образовните асистенти може да играат значајна улога во поттикнувањето и социјализацијата на учениците со аутизам, но за тоа мора да имаат и соодветна обука затоа што потребите на учениците се менуваат.

Во Посебниот извештај на Народниот правобранител за тоа како и колку се остварува правото на образование на децата со ПОП во основните училишта во Скопскиот регион е наведено дека во 84 училишта (од вкупно 90) во учебната 2019/2020 година учат 1.236 ученици со посебни образовни потреби, а има 139 асистенти, од кои 88 се образовни, а 51 се лични асистенти.  Извештајот, како што е наведено, е изработен со анкетирање на училиштата по зачестените поплаки од родители чии деца не добиле асистент, а тоа согласно член 19 од новиот Закон за основно образование е право на учениците со попреченост.

„Поголем е бројот на пријавени ученици со попреченост за кои се потребни асистенти  од бројот на одобрени асистенти. Родителите немаат јасен одговор по кој критериум се избираат  учениците, па останува нејасно како и под кои услови некои добиваат асистент, а други не“, се вели во извештајот.

Од 1.236 ученици со ПОП, 513 се со попреченост, потврдена со наод и мислење од стручен орган, 510 се ученици со нарушување во однесувањето, со емоционални проблеми или со специфични потешкотии во учењето, а 213 се ученици кои потекнуваат од неповолни социо-економски, културни или јазично депривирани средини. Правобранителот констатира дека најзастапената попреченост е лесна интелектуална попреченост за која наод имаат вкупно 120 ученици и аутистичен спектар на нарушувања, со вкупно 73 ученици. Но, констатира и дека има ученици кои немаат наод и мислење, а постои сомнеж дека имаат попреченост, заради што апелира да се доуреди попрецизно кои деца спаѓаат во групата ученици со попреченост, а кои во останатите две.

 

Закон трпи се

Најновиот Закон за основното образование усвоен во август 2019 година гарантира вклученост на сите деца во редовните училишта, еднакви можности, прилагодени програми за секое дете со ПОП и асистенти. Законот наведува дека за поддршка на учениците со попреченост, основното училиште обезбедува образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија. Асистентите се вработуваат на определено време од страна на училиштата со ресурсен центар, а парите за нив се од буџетот на Министерството за образование.

Од ресорното министерство немаат конкретен одговор кога и како ќе почнат да се вработуваат асистентите на државен буџет, но тврдат дека за 2020 година обезбедиле пари. Според нив законот е кратко време на сила и реално е рано за да се оцени ефикасноста.

– Одредбите овозможуваат ангажирање на образовни и лични асистенти за учениците со попреченост и од почетокот на учебната година досега, заедно со УНДП се обезбедени околу 300 асистенти. Се разбира, ако има потреба од ангажман на дополнителен број стручни лица, МОН стои на располагање и ќе постапи. Во буџетот за 2020 година се предвидени средства за оваа намена, односно цел, поставена во насока на постигнување целосна инклузивност во националниот образовен систем. Како Министерство сме во секојдневна комуникација со Стручното тело кое издава процена на учениците со ПОП по МКФ (Меѓународна класификација на функционирање, инвалидност и здравје). Извршената процена не значи дека родителот ќе се одлучи да бара образовен асистент, исто така не значи дека асистентот се добива по автоматизам по извршената процена. Ако родителите се одлучат да побараат асистент согласно препораката на стручното тело, тоа го прават согласно Законот за основното образование и го доставуваат барањето до училиштето во кое ученикот е запишан – објаснуваат од Министерството за образование.

Во девет општини нула асистенти

Според Народниот правобранител, од 17 општини во скопскиот регион, во 9 општини немаат ангажирано образовни и лични асистенти – Чаир, Шуто Оризари, Илинден, Чучер Сандево, Петровец, Сопиште, Зелениково, Арачиново и Студеничани. Само во Карпош во сите училишта има асистенти, вкупно 44. Во Кисела Вода има 29 асистенти, а во Ѓорче Петров, Центар, Бутел и Аеродром има по 9.

„Интересен е одговорот од училиштата во однос на прашањето колку образовни и колку лични асистенти треба да бидат ангажирани за да можат да се задоволат потребите на сите ученици со попреченост (вкупно 513) за кои ваквиот тип на поддршка е неопходен. Според сумарните податоци, за сите училишта се потребни вкупно 343 образовни и 70 лични асистенти. Споредено со актуелниот број асистенти (88 образовни и 51 лични, вкупно 139), потребно е зголемување на бројот на образовни асистенти за приближно 4 пати и за околу 20 лични асистенти“, се вели во извештајот.

Во Скопје вкупно 96 основци со аутистично нарушување

Според извештајот на Народниот правобранител, во двете посебни основни училишта „Златан Сремец“ и „Иднина“ има 196 ученици, од кои најмногу, 102 се со комбинирана попреченост. Со лесна интелектуална попреченост се категоризирани 40 ученици, а со аутистичен спектар на нарушувања, 18. Од податоците произлегува дека во сите основни училишта во Скопскиот регион има вкупно 96 ученици со наод и мислење од аутистичен спектар на нарушувања, иако реално тој број е поголем затоа што многу деца од овој спектар или имаат дијагноза од другите категории (лесна попреченост, комбинирани пречки и сл) или се уште немаат наод и мислење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот