Децата сами пееле за Максим, никој не ги принудил, велат од ЗНАМ по скандалот во Куманово
„Песната е авторска, а не изборна, како што самите ја именуваат, што ги демантира нивните обвинувања и обидите за политизација на настанот“, велат од партијата откако СДСМ објави како стотици деца пееја „Максим Димитриевски“ на настан во училиште насловен како „хуманитарен концерт“
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги отфрла како „целосно невистинити и злонамерни“ обвинувањата на СДСМ дека децата во основното училиште „Кочо Рацин“ во Куманово, кои денеска ја пееја песната посветена на лидерот на ЗНАМ и кумановски градоначалник, Максим Димитриевски, биле „принудени“ тоа да го прават.
Препорачано
„Ваквото тврдење е брутална лага и свесна манипулација со која СДСМ се обидува да создаде скандал таму каде што истиот не постои, велат од ЗНАМ. Во конкретниот случај, во ОУ „Кочо Рацин“ во Куманово, немало никаква злоупотреба на деца, ниту принуда, ниту политичка активност, ниту било каков организиран партиски ангажман. Станува збор за хуманитарен настан организиран од Советот на родители при училиштето, со благородна цел – помош таму каде што е потребно“, велат од партијата, од чиешто соопштение произлегува дека основците самите, по своја волја, изразиле воодушевување од градоначалникот и затоа на цел глас ја пееле песната, која случајно се нашла меѓу песните пуштени на озвучувањето на настанот.
Од партијата, која лидерот Димитриевски ја „отцепи“ од СДСМ и сега е во власта заедно со ВМРО-ДПМНЕ, го обвинија СДСМ дека со забелешката околу видеото, објавено од поранешниот технички премиер и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се обидува да го политизира настанот, а самиот настан го нарекоа „измислен скандал“.
„Сè друго што го пласира СДСМ е груба лага. Целата организација е на родителите во соработка со естрадни уметници, водители, ди-џеи и аниматори кои на свој слободен стил се изразуваат. Песната е авторска, а не изборна, како што самите ја именуваат, што дополнително ги демантира нивните обвинувања и обидите за политизација на настанот. Очигледно е дека во целосно отсуство на сопствени политики, идеи и програма, СДСМ повторно се занимава со измислени скандали. Наместо да поздрават настани од ваков хуманитарен карактер, тие напаѓаат и политизираат, што претставува дното на нивното политичко делување. Движењето ЗНАМ категорично ги отфрла сите инсинуации. Немало и нема никаква злоупотреба на деца. Овие конструкции на СДСМ се очаен обид за политичка дискредитација и дефокус од нивната неспособност да понудат било каква визија. СДСМ, партија која со години ја злоупотребуваше секоја институција и секој јавен настан за свои партиски цели, денес држи лекции за наводни злоупотреби. Тоа е врв на лицемерие“, велат од ЗНАМ.


