Максим Димитриевски-градоначалник на Куманово / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Димитриевски вели дека нема економска логика да се уриваат дивоградби, само во Куманово 26.000 чекале легализација

Повеќе од 26.000 барања за легализација на дивоградби се поднесени во Општина Куманово од донесувањето на Законот во 2011 година, а речиси шест илјади од нив сè уште не се решени. Дополнителен проблем претставува и фактот што значителен дел од предметите немаат комплетна документација, соопшти градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Како што рече градоначалникот, со Законот за легализација донесен во 2011 година во три наврати наназад се продолжувани роковите за да завршат постапките за бесправно изградените објекти.

„Точно 26.256 барања се поднесени во Општина Куманово, од кои 5.836 сè уште не се решени, а 4.308 барања се некомплетни. Постапката ќе продолжи согласно последната измена на законот, која не се однесува на поднесување нови барања за легализација, туку првенствено на завршување на постапките што се веќе отпочнати“, изјави Димитриевски.

Нов предлог закон за легализација на дивоградби, се бара продолжување на рокот за изградба на бесправниот објект

Тој кажа дека проблемот со дивоградби не е присутен само во Куманово, туку и во сите општини во државата. Дел од објектите, како што потенцираше тој, се изградени по датумот на донесување на законот и затоа не можат да бидат опфатени со постојната законска рамка.

„Тие се водат како спорни објекти и на листа имаме над 600 такви објекти, за кои не постои економска логика за нивно уривање“, рече Димитриевски.

За пет години општините треба да легализираат објекти што не успеале ни за 15

Тој информираше дека веќе се разговара со претставници на Владата и со коалициските партнери за можноста за ново законско решение, кое би овозможило дел од објектите изградени на приватно земјиште, а кои не го загрозуваат јавниот интерес, да добијат можност за легализација.

„Но, тие не би биле во привилегирана состојба, туку доколку еднаш ја злоупотребиле довербата, ќе треба да го платат најмалку полниот износ на комуналните давачки кон општините и кон државата“, рече Димитриевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот