Фото: Оливер Спасовски / Фејсбук / скриншот

ВИДЕО | Стотици деца му пеат песна на Максим Димитриевски во Куманово, настанот бил најавен како „хуманитарен концерт“

На настан во школски двор во Куманово, кој бил најавен како „велигденски хуманитарен концерт“, стотици деца во еден глас пееја песна за градоначалникот и лидер на партијата ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.

На снимката може да се види и да се слушне како голем број деца во еден глас ја пеат песната посветена на Димитриевски, посебно гласно кога ќе дојде редот да му се извика името.

Видеото на социјалните мрежи го објави поранешниот технички премиер и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, од поранешната партија на Димитриевски – Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

Спасовски коментира дека е недозволива злоупотребата на деца за политички и партиски цели.

„Злоупотреба на деца за политичка промоција е недозволива и срамна. Училиштето мора да биде место за образование, воспитување и вредности, а не сцена за политички кампањи. Куманово знае да препознае кога се преминува границата. Ова е токму тоа“, вели Спасовски, кој и самиот е од Куманово.

Настанот во дворот на основното училиште „Кочо Рацин“ во градот беше најавен како „голем велигденски хуманитарен концерт“, а беше најавена музичка програма составена од најголемите музички ѕвезди за деца кои учат во основно училиште: Таско, Пајак и Ди-џеј Боно, како и солисти и танцови групи од самото училиште.

Во најавата, објавена деновиве, пишуваше дека хуманитарниот концерт го организира Советот на родители на училиштето „во соработка со низа општествено одговорни компании и со поддршка на училиштето“.

– Настанот има за цел собирање средства за поддршка на ученици од социјално загрозени семејства. Во рамки на фестивалот е предвидена богата програма со музички точки изведени од нашите ученици, како и гостувања од домашни музички изведувачи. Средствата се собираа преку доброволен придонес од учениците, со што сите заедно ќе придонесеме кон една убава и хумана цел, исто така секој кој може и сака да допринесе во оваа акција, изјавија организаторите за локалните медиуми.

По објавата на Спасовски, реагираа од ЗНАМ, од каде велат дека децата никој не ги принудил да ја пеат песната посветена на градоначалникот и лидер на партијата, Максим Димитриевски.

Децата сами пееле за Максим, никој не ги принудил, велат од ЗНАМ по скандалот во Куманово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот