Датум на чудесни враќања – како Мијалков и Груби си заминаа дома и ја понижија јавноста?
23 февруари – заеднички датум кој може да го слават двајцата моќници, поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. И двајцата ги снема, едниот 48 часа, а другиот 14 месеци, но по бегството наместо во „Шутка“, на ист датум завршија во куќен притвор.
Препорачано
Мијалков се појави сам пред Обвинителството и новинарот кој „случајно“ се најде таму го праша „Господине Мијалков, дали сте во Македонија?“, а Груби со насмевка дојде на граничниот премин „Блаце“, им ги подаде рацете на полицајците и само неколку часа беше во „Шутка“, за потоа Обвинителството наместо притвор, да побара куќен притвор за него.
Новинарите повеќе од пет часа го чекаа Груби во подземните гаражи кај Филхармонија да излезе од Обвинителството со предлог од јавниот обвинител Даниел Коцев наместо да се врати во „Шутка“, да оди кај семејството откако „ги заврши обврските“.
Судот го прати Груби дома на предлог на ОЈО, ама ќе му го земат пасошот за да не може пак да бега
И Мијалков и Груби и се „изнасмеаа“ во лице на македонската јавност која е убедена дека има политички договор и Груби не случајно се врати сам. Но, сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ е таа која е во позиција да прави политички договори со нивниот најомразен политички противник, за разлика од тогаш, кога ја обвинуваа тогашната владејачка СДСМ за договор во позадина.
-Системот за којшто самиот Оливер Спасовски говореше дека не функционира, всушност е нивната власт. Тоа е така затоа што власта на Заев целиот систем го впрегнала во заштита, компромис и пазарење со криминалот. Јавноста препознава договор со анекси. За да го пуштат, па анекс договор за да дојде. Поради силните и бурни реакции на граѓаните и надворешни фактори, мораа да отстапат од планот – порачуваа тогаш од партијата.
За разлика од тогаш, кога Мијалков сепак се појави со образложение дека имал температура, па на јавна сцена се одигруваше некаква „акција“ и по пресудата тој заврши во затворски притвор, сега немаше ни обид да се одглуми дека нема никаков политички договор, па Груби веднаш си замина дома, без да каже ништо за јавноста. Единствено ја почести со насмевка.
Додека Мијалков беше во бегство, беше поднесено барање за притвор во „Шутка“
Но, во случајот со Мијалков обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов бараа притвор уште пред да избега и бараа притвор по 48 часа бегство, за тогашната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и републичкиот обвинител Љубомир Јовески да ја повлечат жалбата и Мијалков да заврши во куќен притвор.
Драмата со Мијалков почна на истиот датум пред пет години пред Кривичниот суд да ја изрече пресудата против него за масовното прислушување. Обвинителите пред изрекувањето на пресудата бараа притвор за Мијалков, но судот му одреди куќен. Но, полицијата не можеше да го најде за да му го врачи токму ова решение за куќен притвор бидејќи Мијалков веќе го немаше.
По 48 часа бегство Обвинителите држат состанок и бараат притвор за Мијалков во „Шутка“, а не во палатата на Водно, односно поднесуваат жалба на одлуката за куќен притвор. Но пред тој сам да се пријави, жалбата беше повлечена, по што екс-шефот на тајната полиција сам се појави за да го подигне решението за куќен притвор. Русковска изјави дека жалбата била повлечена непосредно пред Мијалков да се појави во Обвинителството.
Артан Груби веќе е во Шутка – објавено е видео на кое се смешка додека го апсат
„Самиот претседател на судот побара жалбата да биде повлечена зашто решението дотогаш не беше спроведено“, рече вчера Русковска.
Мијалков ја слушна првичната пресуда според која доби 12 години затвор и замина во „Шутка“ на барање на Обвинителството, а главен аргумент на Ристоска беше неговото ненадејно бегство. Времето покажа дека Мијалков имал политички договор со оглед на тоа што затворската казна ја издржуваше во затворот во Шутка, а со измените на Кривичниот законик тој се спаси од главниот предмет што се водеше против него „за масовното прислушување“.
За разлика од Мијалков, Груби во Шутка помина само неколку часа и обвинителот веднаш предложи да оди во куќен притвор, а Судот законски не може да му одреди построга мерка. Официјалното оправдување на Обвинителството е дека Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност процениле дека Груби не е безбеден во „Шутка“.
АНБ и МВР процениле дека Груби не е безбеден
-Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка. За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид – се вели во соопштението на Обвинителството кое се обидува да го оправда куќниот притвор за Груби.
Судот немаше друг избор освен да го прифати куќниот притвор за Груби.
-Одбраната на осомничениот, до судот достави предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор, кој предлог е проследен до надлежното јавно обвинителство, за да се произнесе по истиот. Со оглед на фактот дека Jавното обвинителство ја води истрагата и согласно законските овластувања оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на истрагата, обвинителството до судот писмено достави позитивно мислење, а воедно на самата расправа за сослушување и Јавен обвинител предложи определување поблага мерка за обезбедување од претходно определената. Врз основа на сето тоа судот го сослуша осомничениот во присуство на негов бранител и донесе решение за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, кој што е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително определена е и мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница – соопшти Судот.
Сега на власта виновно ѝ е Обвинителството, иако на негово чело се кадри што ги заменија оние по кои власта „плукаше“. Со Обвинителството сега ракови Анита Тополова – Исајловска, која го замени Љупчо Коцевски, а на чело на скопското обвинителство што ја води истрагата против Груби е Анел Фидоски, кој го замени Гаврил Бубевски.


