Дали знаете кој предмет од домаќинството е повалкан од бањата?
Иако многу луѓе ја сметаат бањата за највалкано место во домот, експертите велат дека постои еден мебел кој може да биде многу повалкан.
Препорачано
Според нова студија спроведена во Велика Британија, на каучот се акумулира огромна количина бактерии, габи и мувла, што може да претставува ризик по здравјето, особено ако имате домашни миленици, пишува „Дејли мејл“.
Иако каучот се користи секој ден за одмор, дружење и дремка, малкумина размислуваат за негово чистење на ист начин како и постелнината.
Имено, преку студијата, научниците анализирале шест каучи од различни домаќинства во Велика Британија и откриле дека тие содржат просечно повеќе од 500 илјади бактерии на површина од 100 сантиметри. За споредба, ВЦ-школката имала само околу 6.800 бактерии на истата површина. Најчести биле аеробните мезофилни бактерии, кои главно се наоѓаат во остатоци од храна и мртви клетки на кожата.
Покрај каучот, експертите тестирале и голем број други предмети од домаќинството што луѓето често ги допираат. Поточно, бирото имало околу 5.900 бактерии, компјутерот 5.800. Сепак, ниту еден од овие предмети не се приближил до нивото на контаминација забележано на просечниот кауч.
Дополнително, студијата покажа изненадувачки резултати за сопствениците на домашни миленици. Имено, највисока концентрација на бактерии е пронајдена на каучот во куќа со две мачки, со 2,7 милиони бактериски колонии на гореспоменатата површина. Ова е бактерија која нормално се наоѓа во човечките црева и се пренесува преку измет, а може да предизвика сериозни здравствени проблеми ако влезе во телото. Најчистиот кауч во студијата му припаѓал на пар со мало дете. Покрај бактериите, на каучите се пронајдени габи и мувла.
Експертите предупредуваат дека многумина често го занемаруваат редовното чистење на каучот, поради што се препорачува секојдневно да се брише површината за да се спречи насобирање нечистотија. За подлабоко чистење, се препорачува употреба на сода бикарбона.


