Дали по 15 години конечно ќе се прошири целиот булевар „Борис Трајковски“?
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вчера соопшти дека по средба со стопанствениците кои поседуваат објекти покрај недовршениот дел од булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода, постигнат е договор за забрзана експропријација и довршување на последните 850 метри од овој фреквентен булевар.
Препорачано
„Денес остварив средба со стопанствениците долж трасата и постигнавме договор за забрзано спроведување на експропријацијата, процес кој во минатото останал недовршен. Со тоа, конечно се отвора патот за реализација на овој долгоочекуван, но премногу пати неисполнет проект.Во најскоро време ќе биде објавена јавната набавка, а проекциите се дека изградбата ќе биде комплетирана до крајот на оваа календарска година. Оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево – заминуваат во минатото. На нивно место ќе никне современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека“, вели Ѓорѓиевски.

Булеварот „Борис Трајковски“ е една од главните сообраќајници во Кисела Вода, со почеток од „Рампа“ па сè до Драчево, а неговото проширување го започна ексградоначалникот на Скопје Коце Трајановски уште во 2011 година. Последна посериозна активност на овој проект имаше во 2015 година, кога започна третата фаза, но оттогаш па сè до денес последната, четврта фаза која предвидува проширување на последните 850 метри од булеварот остана „заглавена“.


