Дали нападите врз Иран го прекршија меѓународното право?
Нападот на САД и Израел врз Иран предизвика дебата за самоодбраната, атентати врз лидери и ерозија на меѓународното право.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја осуди тековната офанзива против Иран започната од Соединетите Американски Држави и Израел на 28 февруари. Тој се повика на забраната во Повелбата на ОН за употреба на сила против друга држава и изјави дека нападите претставуваат „сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Мислам дека повеќето меѓународни правници би се согласиле дека за ова нема правно оправдување. Тоа е спротивно на Повелбата на ОН“, изјави за ДВ Гису Ниа, адвокатка за човекови права и директорка на Проектот за стратешко судење при Атлантскиот совет. „Станува збор за напад врз Иран кој очигледно не е легален ниту според меѓународното право ниту според американските закони за водење војна.“
Сепак, Ниа додава дека меѓународниот правен систем исто така не успеал да „донесе правда за 92 милиони Иранци, од кои многумина претпреле прекршувања на меѓународното право и злосторства извршени врз нив од иранскиот режим во последните 47 години.“
Ова не е првпат да се доведе во прашање легалноста на воените операции на САД. За разлика од минатите војни, како инвазијата на Ирак во 2003 година, овојпат американската влада изгледа не е заинтересирана да го убеди светот дека дејствува во согласност со меѓународното право. „Не ми треба меѓународно право“, изјави Трамп во интервју за „Њујорк тајмс“ на 7 јануари 2026, додавајќи: „Не сакам да им наштетам на луѓето.“
Можат ли САД и Израел да се повикаат на самоодбрана за да го оправдаат нападот?
Американските и израелските претставници тврдат дека дејствувале против ирански закани, особено опасноста Иран да произведе и употреби нуклеарно оружје. Но правните експерти велат дека не е јасно дали тие закани биле доволно непосредни за да ги исполнат строгите правила на ОН за самоодбрана.
Според член 51 од Повелбата на ОН, државата може да употреби сила во самоодбрана само по вооружен напад. Пошироко толкување дозволува употреба на сила против „непосредна закана“, но ова толкување е многу спорно.
Иранските власти повеќепати се закануваа дека ќе го „уништат“ Израел. Но експертите истакнуваат дека реторичка непријателска закана не е доволна за легитимација на превентивен напад.
За време на военото засилување, високи американски претставници предупредуваа на нуклеарните капацитети на Иран. Претставникот Стив Виткоф на 21 февруари изјави дека Иран „веројатно е една недела далеку“ од производство на индустриски материјал за изработка на бомба.
Но ова изгледа противречи на изјавите на претседателот Доналд Трамп по бомбардирањето на Иран во 2025 година, кога тврдеше дека иранските нуклеарни капацитети биле уништени.
Дали убиството на Хамнеи беше атентат?
Според меѓународното право, убиството на шеф на држава е многу контроверзно: иако борците можат да бидат легитимни цели во војна, намерното убиство на политички лидер обично се смета за атентат – особено ако самиот напад не е оправдан според Повелбата на ОН. Тоа смртта на Хамнеи во заедничките американско-израелски напади ја прави една од најделикатните правни точки во конфликтот.
Гису Ниа вели: „Истовремено, тоа доведе до убиство на поранешниот врховен лидер на Иран, кој е одговорен за стотици илјади смртни случаи на Иранци во текот на годините. Особено за масакрот на 8 и 9 јануари оваа година, кој беше еден од најлошите еднодневни масакри во современата историја. Во тој контекст, многу Иранци се благодарни. Но некои велат дека би сакале да го видат врховниот лидер пред суд, да одговара за своите злосторства. Значи ситуацијата е многу сложена.“
Што велат американските закони кои забрануваат атентати?
САД исто така имаат забрана за учество на Американци во атентати. Таа првично беше воспоставена со извршна наредба на претседателот Џералд Форд во 1976 година, а подоцна изменета од други претседатели. Наредбата гласи дека „никој што работи за или делува во име на Владата на САД не смее да се вклучи или да заговара атентат.“
Но, со децении, САД постепено ја еродираа оваа забрана. „Линијата беше многу тенка уште од почеток“, вели Лука Трента, доцент по меѓународни односи на Универзитетот Сванси.
„САД прифатија политика дека дејствијата во самоодбрана не ја прекршуваат забраната.“ Тој потсетува на американскиот воздушен напад во 1986 година кој неуспешно се обиде да го ликвидира либискиот лидер Моамер Гадафи.
„Разликата сега е што американската влада и Трамп, преку социјални мрежи, јавно преземаат заслуга за атентатот.“
Дали Иран смееше да возврати со напади на Израел и американските бази?
Иран испука ракети и дронови врз Израел, како и врз американски бази и други цели низ Заливот, веднаш по почетокот на нападите. Техеран тврди дека дејствува во самоодбрана откако бил нападнат. Според меѓународното право, држава што претрпела вооружен напад може да се брани.
Но нападите врз цивилни цели, на пример во Израел и Дубаи, ги истакнуваат јасните правни ограничувања: таргетирањето цивили е строго забрането, а напад врз држави кои не се дел од конфликтот исто така не е дозволен.
Аналитичарите дел од иранските удари ги нарекуваат „погрешно насочена самоодбрана“, особено кога нападите беа насочени кон територии на трети земји кои сместуваат американски сили, наместо директно против САД и Израел. Удари со ракети или дронови за кои се претпоставува дека потекнуваат од Иран беа пријавени во Бахреин, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Израел, Палестинските територии, Кувајт, Јордан, Саудиска Арабија, Оман и Кипар.
Дали оваа војна е уште еден знак дека меѓународното право слабее?
Експертите предупредуваат дека конфликтот може да биде пресвртница. Како што моќни држави сè повеќе се потпираат на еднострани напади и широко толкување на самоодбраната, правилата создадени за спречување војна можеби се распаѓаат.
Политикологот Лука Трента нагласува: „Мислам дека гледаме појава на сурова форма на надворешни интервенции без особена грижа за домашни или меѓународни правни ограничувања.“
Тој додава дека администрацијата на Трамп, кога спроведувала воени операции, не покажала голем интерес да ги оправда со меѓународно право. „Ова беше видливо и во случајот на Николас Мадуро, кој беше уапсен во Венецуела,“ потсетува тој. „Оправдувањето што беше понудено во голема мера го игнорираше меѓународното право и се повикуваше само на американското домашно право.“
Трента вели дека е особено загрижен што светот е сведок на ескалација на атентатите во меѓународната политика. Според него, и други држави би можеле да го примат тоа до знаење и атентатот би можел да добие на значење.
Извор: DW/ Автор: Петер Хиле


