Илустрација - заборавање / Фото: Pexels

Дали мислите дека премногу заборавате? Оваа јапонска техника го крие решението за вашиот проблем

Ако некогаш сте излегле од дома и по пат сте се запрашале дали сте го исклучиле шпоретот или сте ја извадиле пеглата за коса од струја, не сте единствени, таквите сомнежи се многу чести. Но добрата вест е дека не мора да бидат дел од вашето секојдневие.

Во Јапонија, железничките оператори користат едноставна, но исклучително ефикасна техника за спречување грешки.

Токму оваа техника може да ви помогне да останете фокусирани и сигурни при извршување на секојдневните задачи. Техниката се нарекува „шиса канко“ /„shisa kanko“, пишува „Хафпост“.

– „Шиса канко“ во суштина значи „покажување и изговарање“ и се користи за подобрување на вниманието и точноста. Развиена е како техника за поголема безбедност во јапонскиот железнички систем. Операторите се обучени да се фокусираат на објект, како сигнал или место за запирање, да покажат кон него и гласно да го изговорат неговото име –  вели Џој Галон, лиценцирана терапевтка.

Како се изведува оваа техника?

Истражување на Јапонскиот институт за технички истражувања на железници од 1994 година покажало дека техниката „шиса канко“ ги намалува човечките грешки за речиси 85 отсто.

– Бидејќи практиката ги вклучува очите, рацете, устата и ушите, таа активно ги ангажира сите сетила. Студиите покажуваат дека го зголемува протокот на крв во фронталниот лобус на мозокот, каде што се наоѓаат способностите за расудување, логика и согледување на идните последици од сегашните постапки – додава Галон.

Овој пристап е важен за секојдневни задачи со висок ризик, како управување со железнички систем, но и за помали работи, како користење на пегла за коса.

– Нашите мозоци се создадени за преживување, па најчесто делуваме по навика. Кога делуваме по навика, трошиме помалку когнитивна енергија, што ни овозможува да ја зачуваме – вели тренерката за управување со време, Ана Дирмон Корник.

„Шиса кинко“ може да им помогне и на лица со АДХД

Оваа техника може да биде особено корисна за лица со АДХД.

– Кога мозокот со АДХД добива стимулација, добива и регулација. Со ангажирање на повеќе сетила, мозокот е повеќе вклучен во однесувањето. Тоа е како форма на активно слушање. Ако лицето со АДХД повтори што било кажано, полесно ќе го запамти поради повторувањето – вели терапевтот Били Робертс.

Психотерапевтката Тери Матлен забележала дека некои нејзини клиенти со АДХД пеат мелодија од позната песна за да запомнат нешто. На пример, наместо оригиналниот текст, можат да пеат: „Морам да ја исклучам рерната, рерната, рерната…“

– Извршните функции кај лицата со АДХД се намалени,  планирање, организација, иницијатива, меморија. Самото размислување: „Морам да запомнам да го исклучам шпоретот“ можеби нема да биде доволно – објаснува Матлен.

„Шиса канко“ во секојдневието

Постојат многу начини да ја вклучите оваа метода во секојдневниот живот.

– Обидете се да ја користите техниката за да ја нагласите важноста на информациите или задачите во вашата дневна рутина – предлага Расел Исип, тренер за продуктивност.

На пример, не сакате да ги заборавите очилата пред да излезете или важен документ на масата. Техниката може да вклучува гласно изговарање што треба да направите, подигнување на предмет, запишување, тропкање со прсти или додавање потсетник во апликација.

Можете да ја поедноставите: покажете кон кваката и кажете „Ја заклучив вратата“, или кон прекинувачот и кажете „Го изгасив светлото“ додека излегувате. Или покажете кон клучевите и паричникот и кажете „клучеви“ и „паричник“ за да запомните да ги земете.

– Друга опција е да ја користите методата кога се чувствувате преоптоварено или под стрес. Можеби веќе користите некоја форма на оваа техника за да се рефокусирате — на пример, кога си велите: „Диши и опушти се“, „Можеш ти“, „Да се вратиме на вистинскиот пат“ или „Да почнеме одново“-  објаснува Исип.

Техниката може да се прилагоди

Техниката може да биде корисна и за однесувања поврзани со одложување или избегнување. Лицата со АДХД често имаат потешкотии да започнат, да се фокусираат или да завршат задачи.

– Возрасен со АДХД кој се соочува со непријатна задача, на пример средување на работна маса, може да покаже на хартија и гласно да каже: „Ќе ја ставам оваа страница во тој фолдер во таа фиока“, а потоа да продолжи, можеби со тајмер од 15 минути – објаснува Матлен.

Овој систем помага да се намали одложувањето, избегнувањето и стресот.

Сепак, важно е повремено да ги менувате методите.

– Ако постојано ја пеете истата песна или ги правите истите звуци, тие ќе станат автоматски и повеќе нема да се сеќавате дали сте го направиле тоа – предупредува Корник.

На крајот, „шиса канко“ е динамичен пристап. Можеби не е за секого, но вреди да се проба.

– Секој мозок со АДХД е различен. Она што функционира за некои, можеби нема да функционира за други. Ако некоја вештина ви помага, задржете ја. Ако не, сосема е во ред да ја напуштите и да најдете друга – вели Робертс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот