Фото /ratmaner / Alamy / Profimedia

Дали е безбедно да се зема магнезиум секој ден? Експертите предупредуваат на опасни ризици

Недостигот на магнезиум е невообичаен кај здравите луѓе. Магнезиумот е есенцијален минерал што му е потребен на секого за регулирање на нервите, коските, имунолошкиот систем и нивоата на шеќер во крвта.
Потребен за повеќе од 300 биохемиски реакции во телото, помага во одржувањето на стабилен срцев ритам и придонесува за производство на енергија и протеини.

Некои корисници на социјалните медиуми промовираат земање суплементи со магнезиум поради овие и други придобивки, вклучувајќи го олеснувањето на стресот и помош при варењето. Но, дали навистина ви се потребни таблети и дали е безбедно да ги консумирате секој ден?

Експертите нагласуваат дека иако луѓето можат безбедно да земаат таблети, консумирањето храна богата со магнезиум е најдобриот начин да се добие потребната количина на овој минерал.

– Главната порака што би ја споделила е дека повеќето луѓе обично внесуваат доволно магнезиум преку здравата исхрана – рекла д-р Норхан Насар од Методистичката болница во Хјустон за „Индепендент“.

Сумплементите со магнезиум не се регулирани од страна на Американската администрација за храна и лекови (ФДА).

На пазарот постојат неколку различни форми на магнезиум, но магнезиум глицинат е „форма што најчесто се препорачува“ бидејќи „најдобро се апсорбира и користи во организмот“, вели регистрираната диететичарка во Клиниката Кливленд, Џулија Зумпано.

Суплементите што се продаваат преку интернет можат да содржат помеѓу 25 и 800 милиграми магнезиум, но препорачаната дневна граница на внес е околу половина помала.

Мажите помлади од 30 години треба да внесуваат 400 милиграми дневно, а постарите мажи 20 милиграми повеќе, според податоците на Национален институт за здравје. Жените помлади од 30 години треба да внесуваат 310 милиграми, додека на постарите жени им се препорачуваат 310 милиграми дневно.

Бидејќи телото не произведува магнезиум природно, тој мора да се внесува преку храна.

Додека суплементите генерално дејствуваат изолирано, храната е комплексен извор на витамини и минерали кои во телото дејствуваат заедно, наведува „Нортвестерн медисин“.

– Магнезиумот како дел од нутритивната матрица всушност придонесува за здравствените придобивки – рекла Бетани Дерфлер, клиничка истражувачка диететичарка во Центарот за дигестивно здравје на „Нортвестерн медисин“.

Исто така, веројатно нема да внесете премногу магнезиум преку храна и пијалаци.

Со суплементите со магнезиум постојат ризици, а предозирањето може да биде и смртоносно.

– Премногу магнезиум во храната не претставува здравствен ризик кај здрави лица бидејќи бубрезите го елиминираат вишокот преку урината. Меѓутоа, високите дози на магнезиум од суплементите или лековите често доведуваат до дијареја (пролив) што може да биде придружена со гадење и грчеви во стомакот – наведува НИХ.

Симптомите може да вклучуваат гадење, повраќање, болки во стомакот, низок крвен притисок, жед, сонливост, слабост во мускулите и бавно или плитко дишење.

Екстремно високите дози може да доведат до неправилно чукање на срцето или дури да предизвикаат срцев застој, наведува Медицинскиот центар Седарс-Синај, а пренесува „Индепендент“.

Исто така, постојат здравствени проблеми поврзани со недоволен внес на магнезиум. Сепак, недостигот на магнезиум е редок и обично е поврзан со гастроинтестинални состојби, како што се хронична дијареја или неконтролиран дијабетес, напоменува Хјустон Методист.

Симптомите на недостиг на магнезиум најчесто вклучуваат гадење, губење на апетитот, повраќање, замор и слабост. Може да доведе до напади, нарушувања на срцевиот ритам, спазам на коронарните артерии и недостиг на калциум во крвта познат како хипокалцемија.

Исто така, постојат некои истражувања кои укажуваат на поврзаноста помеѓу недостигот на магнезиум и мигрената.

– Иако одредени медицински состојби и употребата на одредени лекови можат да предизвикаат симптоматски недостиг на магнезиумот, тој е невообичаен кај здрави луѓе – наведува НИХ.

Освен ако не ви е дијагностициран или се сомневате дека имате недостиг, или имате Кронова болест или прееклампсија, што доведува до дефицит, „Харвард хелт“ наведува дека „не постои убедлива причина рутински да земате додатоци на магнезиум“.

Луѓето треба да јадат лиснат зелен зеленчук, немасни млечни производи, јаткасти плодови, мешунки и темно чоколадо за да го зголемат внесот на магнезиум.

– „Храната на прво место“ е моето мото – рекла регистрираната диететичарка во Клиниката Кливленд, Ана Тејлор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот