Д-р Злате Мехмедовиќ: Не е добро да се комбинираат вакцините

Д-р Злате Мехмедовиќ / Фото: Слободен печат

Третата доза вакцина не е услов за патување, за посета на какви било културни, спортски и други настани, ниту пак за влез во институции и угостителски објекти.

Не е добро да се комбинираат вакцините, односно да се прима трета доза од „Фајзер“, ако претходно се примени две дози од друг производител, вели за „Слободен печат“ доктор Злате Мехмедовиќ, претседател на Македонското здружение на медицина на трудот.

Тој нагласува дека испитувањата за вакцината „Фајзер“ се правени само во Америка, а таму ги нема вакцините на „Спутник“, „Синовак“ и „Синофарм“, што значи дека не е познато како ќе реагираат граѓаните доколку примат ваква комбинација на вакцини.

– Мојот став е дека доколку се аплицира трета доза вакцина, таа треба да биде соодветна на првите две примени вакцини. Не можам да го коментирам ставот на Министерството за здравство да ги комбинира вакцините, односно да ревакцинира со „Фајзер“ граѓани кои претходно примиле вакцина од друг производител. Но, морам да напоменам, за да знаат граѓаните дека компанијата „Фајзер“ има податоци само за пациенти од американско подрачје, каде што ги нема вакцините што ги има кај нас, затоа и сметам дека влегуваме на непознат терен, со комбинација со вакцини од различни производители. На пример, во Америка, вакцинираните со „Модерна“ или „Џонсон и Џонсон“, не ги ревакцинираат со „Фајзер“ – објаснува д-р Мехмедовиќ.

Ваков став има и познатата и искусна докторка виролог Ана Глигиќ од соседна Србија, која смета дека третата доза на вакцина против коронавирус треба да биде од истиот производител како и претходните две вакцини.

– Сè што знаеме е дека третата доза треба да биде од истиот производител како претходните две, но и јас во семејството имам „различни ставови“. Моите синови се одлучија за микс од вакцини, пред сè поради практични причини, бидејќи не во сите земји ги признаваат кинеските и руските вакцини – вели д-р Гликиќ.

Третата доза вакцина не е услов за патување, за посета на какви било културни, спортски и други настани, ниту пак за влез во институции и угостителски објекти. Во Македонија од вчера почна вакцинацијата со трета доза против ковид-19, а се препорачува да ја примат постарите од 60 години. Покрај нив, со трета доза ќе се вакцинираат и здравствените работници, без разлика на возраста како и лицата со имунолошки болести. За нив не е предвидено претходно закажување термин, а истите ќе добијат СМС-порака со потсетување откако ќе изминат шест месеци од втората доза вакцина што ја примиле.

Трета доза можат да примат и оние што се вакцинирале во Србија. Доволно е да отидат во вакциналните пунктови и да ја покажат документацијата која ја добиле кога се вакцинирале на некои од пунктовите во соседството со која ќе докажат дека ги примиле претходните две дози против ковид-19.

– Трета доза вакцина може да примат и граѓаните кои се вакцинирале во странство. Тие задолжително на вакциналните пунктови претходно ќе мора да приложат валиден документ од примените две дози вакцина, како би биле евидентирани во националниот систем „Мој термин“ – велат од Министерството за здравство.

Многу наскоро се очекува влез во угостителски објекти и трговски центри да биде овозможен само за комплетно вакцинирани, а не како што беше случај досега,  кога само една примена доза беше доволна за влез.

Точен датум кога ова ќе почне да се применува, министерот за здравство Венко Филипче се уште нема соопштено, но нагласува дека е во  постојана комуникација  со  Комисијата за заразни болести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот