„Црвените ѓаволи“ ја прекинаа неверојатната победничка серија на Манчестер сити
Фудбалерите на Манчестер јунајтед славеа со 2:0 во градското дерби против Манчестер сити и на тој начин ја прекинаат серијата од 21 победа по ред на „граѓаните“.
Манчестер сити пред пресметката со Јунајтед имаше серија од 15 победи по ред во Премиер лигата, а вкупно 21 победа во сите натреварувања, но на крајот од дерби пресметката во 27. коло, мораа да му честитаат на градскиот ривал. Од друга страна, Манчестер јунајтед благодарение на головите на Бруно Фернандеш и Лук Шо ја прекина серијата од три ремија во сите натпреварувања.
„Црвените ѓаволи“ поведоа уште во втората минута откако судијата Ентони Тејлор покажа на белата точка по стартот на Габриел Жесус над Марсијал. Сигурен реализатор на пеналот беше Бруно Фернандеш.
Во продолжение од натпреварот, играчите на Манчестер сити доминираа, имаа поголем посед на топката и двоцифрен број шутеви на голот на Јунајтед, но и тоа не им помогна да го избегнат поразот.
Освен тоа, судијата Тејлор не досуди пенал за Сити во 23. минута откако Рахим Стерлинг падна во казнениот простор на Јунајтед.
На стартот од второто полувреме, „црвените ѓаволи“ поведоа со 0:2 откако Лук Шо се запиша во листата на стрелци.
И покрај поразот, Манчестер сити е лидер на табелата со 65 бода, додека Манчестер јунајтед е второпласиран со 54.