Црна листа на починати спортисти во Македонија

Ракометарите Марко Божиновски (20) и Никола Даниловски (26) се последните двајца во низата починати спортисти, меѓу кои најмногубројни се фудбалерите.

Смртта на двајцата ракометари Марко Божиновски (20) и Никола Даниловски (26) се опомена за државата да обезбеди посериозен пристап кон здравствената заштита на спортистите. Во последниве пет децении, заедно со Марко и Никола, починале најмалку 16 македонските спортисти за кои биле достапни информации во пошироката јавност, а покрај нив прерано го загубија животот уште тројца странци што настапувале во земјава. 

За дел од починатите дознаваме од монографијата „Ние сме голема фудбалско семејство“ на сега веќе починатиот генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија Илија Атанасовски – Ико. Во неа е забележано дека фудбалерот Никола Мантов (23) е веројатно првиот официјално регистриран случај на починат спортист во Македонија. Членот на Осогово не го преживеал срцевиот удар во далечната 1973, на средба со ФАС 11 Октомври. Стадионот во Кочани денес го носи неговото име. Наредната 1974 година починал Каратошев од ФК Победа (името не е наведено во монографијата) за време на првенствен натпревар во Прилеп. Во делот за здравствената заштита како жртви на спортот се споменати Никола Тенов (ФК Росоман), Мики Георгиевски кој, според авторот на монографијатапочинал од последици од силен удар“ на средбата ФЦУ – Осогово, и Звонко Георгиевски – Мунгос од Југококта, наводно од претренираност.

Во посвежо сеќавање се трагичните вести за повеќе млади спортисти кои починале од осамостојувањето на земјава до денес. Кошаркарот Благоја Патровски (22) страсно ја сакаше кошарката, беше член на Работнички и младински репрезентативец (висок 209 см.), кој го освои 4. место на ЕП во Португалија во 1995. Иако беше свесен дека има срцева мана (т.н. ВБВ-синдром), не се штедеше. Почина во сон, во 1999 година.

Фудбалерот Бранко Ѓуровски (28) останаа безживотно да лежи на теренот за време на натпревар од Македонската лига, кога настапуваше како капитен на својата екипа ФЦУ 55, денешна Цементарница.

Фудбалерот Стефан Толески (23), член на Напредок, во 2002 починал во болницата, откако претходно се струполил на теренот, на гостувањето во Куманово. Од кичевскиот лигаш тогаш изјавија дека му се слошило и 10-тина дена претходно, но не бил на дополнителни проверки.

Боксерот Ѓокица Неделковски (19) беше надежен младински репрезентативец. Тој почина на ринг во Патра, Грција, за време на меѓународен турнир. Еден од ретките врз кого беше направена обдукција, која утврди дека дошло до згрутчување на крвта кое предизвикало инфаркт.

Ракометарот Војче Китановски (18) беше еден од најмладите чија реанимација за време на Малите олимписки игри, одржани во Богданци во 1999 година не успеа. Зоран Стојановски (18), ракометар на Преспа, почина за време на првенствен натпревар во 2002 година, во Ресен.

Фудбалерот на Силекс, Боби Милевски (25) паднал без да дава знаци на живот додека рекреирал во сала. Играше и за Македонија ЃП, во средниот ред, а беше и младински репрезентативец.

Филип Сотиров (15), член на Водно санс и кошаркарски репрезентативец на Македонија, починал во сон на 28 јуни 2014 година, најверојатно од срце. Истата година почина и Александар Којчевски (22), поранешен кошаркарски младински репрезентативец на Македонија, поранешен играч на Јуниор, Ангели и Торус, како и на средношколски екипи од САД. Откако се повлече од теренот почина на 15 октомври 2014 година.

И тројца странци што настапувале во Македонија предвреме ги загубија своите животи. Американскиот кошаркар Кенион Џонс (28) почина во 2006 година, откако зеде македонски пасош – имаше седум настапи за црвено-жолтите. Лекарите и за него велеа дека имал проблеми со срцето. И тој почина во сон.

На Бразилецот Рожериу Оливеира (30), кој играше за повеќе македонски фудбалски клубови, му се слошило по рекреативен дуел, но не ја преживеа ноќта. Дијагноза – срцев удар!

Нигериецот Еје Абдулрашид Адамс (24), фудбалер на Маџари, Беласица и Слога Југомагнат, почина од СИДА, која според лекарите од Инфективната клиника, ја донел од странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот