Црна Гора и Албанија чекор понапред кон ЕУ — Европскиот парламент им ги усвои извештаите за напредокот
Европскиот парламент даде целосна поддршка за европската иднина на Црна Гора и Албанија, откако Комитетот за надворешни работи (AFET) ги усвои извештаите за напредокот на двете земји во процесот на пристапување кон Европската унија, објави „Н1“.
Препорачано
Во извештајот за Црна Гора се наведува дека земјата и понатаму е најнапреден кандидат за членство во ЕУ. Европратениците ја повикаа Подгорица да го задржи реформскиот ритам и да не дозволи политичките и идентитетските прашања да ја оттурнат европската агенда.
Извештајот беше усвоен со 56 гласа „за“, седум „против“ и 10 воздржани. Црна Гора има амбиција да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година и да стане 28 членка на ЕУ до 2028 година.
Европскиот парламент ја поздрави усогласеноста на Црна Гора со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и санкциите против Русија, но изрази загриженост за странско влијание, дезинформации и хибридни закани, особено од Кина, Русија и Србија.
Во извештајот за Албанија, европратениците ја пофалија посветеноста на Тирана кон европските интеграции и напредокот во реформите, но предупредија дека остануваат сериозни предизвици поврзани со владеењето на правото, корупцијата, политичката поларизација и организираниот криминал.
Албанија има цел да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 година, а европратениците порачаа дека квалитетот на реформите ќе биде клучен за динамиката на пристапувањето.
Во извештајот се наведува и дека албанското правосудство и понатаму е изложено на политички притисоци, додека борбата против корупцијата и перењето пари мора дополнително да се зајакне.
Европскиот парламент ги пофали и двете земји за усогласувањето со надворешната политика на ЕУ и нивната улога во регионалната стабилност на Западен Балкан.


