Чувари на безбедноста со оспорени биографии – ДКСК со месеци чека безбедносни сертификати да ги провери
Во услови на зовриена политичка атмосфера, закани за дестабилизација и поткопување на меѓуетничката хармонија, безбедноста на граѓаните треба да ја штитат безбедносни агенции со раководни структури со сомнителен професионален „бекграунд“ и со веќе оспорени биографии пред институциите.
Па така, додека Државната комисија за спречување на корупцијата од 22 октомври проверува дали новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски ги исполнува законските услови и дали презентирал лажен сертификат за англиски јазик, како за само една година ги положил сите испити на Економскиот факултет на приватниот Универзитет за туризам, можно е тој да стане асистент на Факултетот за безбедност.
Наставно – научниот совет денеска ќе одржи седница на која треба да биде одлучено дали Христовски ќе стане и асистент по предметот криминалистика, откако на истиот факултет доцент стана баџанакот на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
На последната седница Антикорупциската комисија чија одлука за Христовски ја чека и Обвинителството, но и премиерот Христијан Мицкоски кој го назначи, открија дека иако предметот за Христовски е отворен на 22 декември, оттогаш е дополнуван со анонимни претставки уште три пати. Но, тука не запрело дополнувањето на предметот.
Од ДКСК за „Слободен печат“ откриваат дека кон првичната пријава доставени се уште седум пријави.
-Во однос на предметот за директорот на АНБ, Бојан Христовски кон првичната пријава доставени се уште седум пријави до Државната комисија за спречување на корупцијата. Доставени се барања за прибирање на потребната документација за утврдување на фактичката состојба, за што сè уште течат законските рокови за доставување на истата. По утврдување на фактичката состојба, ДКСК ќе донесе одлука на јавна седница и ќе ја објави на веб-страницата на ДКСК, велат од ДКСК за „Слободен печат“.
Христовски може да стане асистент
Владата го назначи Христовски за директор на АНБ на 16 октомври, а оттогаш не престануваат реакциите за неговото именување и дали тој ги исполнува условите да ја води АНБ. Најспорен беше неговиот ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик издаден од јазичниот центар „Јулија“ од Пловдив за кој во јавноста беше откриено дека не постои и не се занимава со полагање. За ваков ист фалсификуван сертификат две директорки биле осудени на условни казни.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев ја оспори и неговата диплома од приватната образовна установа Универзитет за туризам и менаџмент-Скопје, за која веќе имаше Вонреден инспекциски надзор. Според Апасиев, уверението на Христовски покажува дека положил 40 испити за една година, но Мицкоски го демантираше па му рече дека не му се целосни документите.
Но, иако Христовски е главна „ѕвезда“ во медиумите, спорни се биографиите и на новоназначените директорки на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и Ивана Стојановска.
Антикорупциска прими претставка и против директорката на Агенцијата за разузнавање, Јаковлева во која било наведено дека не доставувала извештаи за работата на Агенцијата ни до Собранието, ни до претседателот на владата. Државната комисија за спречување корупција реши предметот да ѝ го препрати на одлучување на претседателката Гордана Силјановска Давкова под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање.
Освен за неа, ДКСК презентираше уште една претставка за вработен во Агенцијата за разузнавање, кој наводно на Фејсбук имал фотографии од партиски штаб во времето на парламентарните избори. И за него антикорупционерите нема да постапуваат, туку предметот е пратен во внатрешната контрола на АР за да се види дали наводите се точни или не.
За заменик-директорката на АР, Ивана Стојановска ДКСК отвори предмет во јули, но одлука уште нема затоа што членовите на ДКСК уште немаат безбедносни сертификати.
Во нејзината биографија е спорно тоа што услов за таа позиција е најмалку десет години работно искуство во областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика. Стојановска има околу осум години стаж во Агенцијата за разузнавање, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова при именувањето го зела предвид и нејзиното работно искуство како асистентка по информатика на Факултетот за детективи и безбедност на Универзитетот ФОН.
ДКСК нема безбедносни сертификати
Додека ДКСК ги чека безбедносните сертификати бидејќи АР го класифицирале одговорот за биографијата на Стојановска, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски минатата недела пред законодавно-правната комисија побара автентично толкување на член од Законот за Агенција за разузнавање, односно побара пратениците да истолкуваат дали годините поминати како асистент на приватен универзитет кој врши наставно научна дејност може да се сметаат за работно искуство од областа на безбедноста.
Но, со мислење на владата и едногласно на Комисијата беше одбиено неговото барање за автентично толкување со образложение дека членот 9 е јасен, а во него меѓу условите, е тоа дека за раководна позиција на АР, кандидатот треба да има најмалку десет години работно искуство во овие области, а Приватниот факултет е акредитиран за вршење на наставно-образовна дејност.
ДКСК нема донесено одлука ниту за овој случај и сè уште ги чека безбедносните сертификати.
-Постапката по оформениот предмет по поднесена пријава по однос на именувањето на Ивана Стојановска за заменик-директор во Агенцијата за разузнавање, е во тек и доставена е побараната документација од надлежните органи, но бидејќи дел од документите имаат степен на класифицираност, Државната комисија ќе донесе одлука по овој предмет откако ќе се обезбедат безбедносните сертификати за членовите на ДКСК. Постапката сè уште е во тек и сè уште течат роковите за издавање на истите од страна на надлежните институции, велат од ДКСК за „Слободен печат“.
Додека ДКСК ги проверува биографиите на првите луѓе на безбедносните служби, премиерот со месеци најавува дека ќе има обиди за дестабилизација, на прославата на албанското знаме имаше инциденти и палење на знамиња, а приврзаници на ДУИ веќе се собраа пред Уставниот суд во „одбрана на јазикот“ пред седницата на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците.