ЧУДЕСНА МАКЕДОНИЈА: Тие останале без дом, а ФЗО им пратил допис за лекување во странство на домашна адреса

Наше семејство кое престојува во САД се соочува со извршител за неплатена фактура за лекување на нивната ќерка во тамошна болница, бидејќи Фондот за здравство не ја платил. Од Фондот објаснуваат дека фактурата не е платена зошто нема целосна документација, додека пак од семејството велат дека не добиле известување дека треба да достават дополнителни документи.

– Во однос на неплатена фактура за лекување во САД на осигуреното лице Е.Д. на 29.05.2018 испратен е допис до родителот во кое се информира детално дека сите барања за лекување во странство во висина од 238.500 долари се уплатени од страна на Фондот до странските болници согласно донесените решенија за лекување во странство. По секое болничко лекување во странство како и контролен преглед во странство осигуреното лице има обврска да поднесе писмен извештај со отпусно писмо, фактура и возни карти за извршениот превоз. За конкретната фактура во висина од 5.263,81 долари, осигуреното лице не ја поднело потребната документација, поради што Фондот нема законска можност да ги уплати средствата на сметка на странската клиника без претходно спроведена постапка, за што осигуреното лице е известено со допис од 29.05.2018 година – објаснуваат од ФЗО.

Родителите на Елена, пак, објаснуваат дека ако дописот е пратен на адресата на која живееле порано во Македонија сигурно не го добиле, бидејќи куќата им била ставена под хипотека за кредит кој го подигнале заради престојот во САД, но бидејќи не биле во можност да ги плаќаат ратите, банката им го земала домот.

– Затоа и целата комуникација со ФЗО течеше на маил и немаше никаков проблем – велат родителите на Елена.

На прашањето, што сега да направат осигурениците, од ФЗО ги повикуваат да се обратат до нив, за да може да се надмине проблемот. Родителите уште минатата година испраќале електорнска пошта до ФЗО за овој проблем, но одговор не добиле.

Ова семејството неколку години престојува во САД поради лекување на нивната ќерка, а непријатно се изненадило кога добило опомена од извршител, бидејќи Фондот за здравство не ги подмирил сите трошоци за лекувањето. ФЗО платил две операции, но останала непокриена една фактура од 5.263 долари.

Фактурата е издадена за прегледи и контроли кои биле направени во болница во Охајо каде девојчето било двапати оперирано. Првата операција е направена на 4 јануари 2016 година, а другата на 6 јуни истата година.. Елена е родена со многу ретка болест, тотален аганглионарен мега колон (нејзините црева не работат) што резултира со исклучително сериозни компликации и животозагрозувачка состојба. Кога се направени операции имала 8 години. По интервенциите, нејзината здравствена состојба, како што објаснуваат родителите, е значително подобрена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот