Извршител им тропнал на врата, зaшто Фондот не платил фактура за лекување во странство

Семејството Додевски кое неколку години престојува во САД поради лекување на нивната ќерка, непријатно се изненадило кога добило опомена од извршител, бидејќи Фондот за здравство не ги подмирил сите трошоци за лекувањето. Иако во два наврати биле исплатени околу 100.000 евра, останала неплатена последната фактура од 5.263 долари.

Фактурата е издадена за прегледи и контроли кои биле направени во болница во Охајо каде девојчето било двапати оперирано. Првата операција е направена на 4 јануари 2016 година, а другата на 6 јуни истата година. За овие операции ФЗО платил 89.000 евра. Елена е родена со многу ретка болест, тотален аганглионарен мега колон (нејзините црева не работат) што резултира со исклучително сериозни компликации и животозагрозувачка состојба. Кога се направени операции имала 8 години. По интервенциите, нејзината здравствена состојба, како што објаснуваат родителите, е значително подобрена.

– Согласно болничките протоколи, по последната операција Елена беше на повеќе контролни прегледи и примаше соодветна терапија, во периодот од 2 септември 2016 година до 12 мај 2017 година  за кои од страна на болницата Nationwide Children’s Hospital – Columbus – Ohio – USA, ни е издадена фактура за плаќање во износ од само 5.263,81 долари, која што ФЗОМ се уште не ја платил – објаснува таткото на Елена.

Семејството испратило барање, фактурата да се плати, до одговорната во ФЗО, Ивана Ѓорѓиевски, директорот Ден Дончев како и до министерот за здравство Венко Филипче, но одговор не добило. Интервенција за побрзо плаќање на фактурата побарале и од премиерот Зоран Заев, но и тоа не вродило со плод, иако поминале речиси две години од завршување на лекувањето.

Од Фондот за здравство велат дека фактурата не е платена, бидејќи имало правен спор, но зошто тој не може да се разреши толку долго време, велат, дополнително ќе соопштат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот