Четворица приведени во Чачак, ја гаѓале Ана Бекута со снежни топки
Полицијата во Србија реагираше по инцидентот на дочекот на Стара Нова година, откако пејачката и нејзиниот бенд беа гаѓани со снежни топки и леденици на Градскиот плоштад.
Полицијата во Чачак, Србија, привела четири лица кои се сомничат дека синоќа, за време на дочекот на Стара Нова година на Градскиот плоштад, со снежни топки ја гаѓале естрадната уметница Ана Бекута, како и членовите на нејзиниот бенд, неофицијално дознава РТС.
Препорачано
Градот Чачак организираше дочек на Новата година според јулијанскиот календар на Градскиот плоштад, на кој настапи пејачката Ана Бекута со својот бенд.
Паралелно со овој дочек, две неформални групи граѓани, „Граѓани на Чачак во блокада“ и „Покретач“, организирале собирање пред просториите на градскиот одбор на Српската напредна странка, како што наведоа, „со цел бојкот на концертот што го организира Градот Чачак“, незадоволни што градските пари „бесмислено“ се трошат за концертот на Ана Бекута.
Кога започна концертот на Бекута, околу 22:30 часот, граѓаните кои протестираа пред просториите на СНС се упатија кон Градскиот плоштад и ја „нападнаа“ бината со снежни топки и леденици, пренесе дописникот на РТС.
Бекута, додека сè уште беше на бината, праша каде е полицијата, обраќајќи им се на граѓаните: „Срам да ви е“.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави за ТВ Пинк дека полицијата идентификувала 11 лица кои се осомничени дека ја гаѓале Ана Бекута со леденици и други предмети за време на концертот на дочекот на Стара Нова година во Чачак.
„Девет лица ги гаѓале и оркестарот и Ана, едно лице фрлило пластична канта во рестриктивниот простор, а едно лице и влегло во рестриктивниот простор. Ние тоа го доставивме до обвинителството и обвинителството треба денес да се изјасни дали тука има дело или нема дело. Обвинителите обично прашуваат дали некој сака приватно да ги гони сторителите. Што сега, Ана Бекута треба приватно да ги гони тие што ја гаѓале?“, рече Дачиќ.
Министерот за култура Никола Селаковиќ изјави дека длабоко го вознемирил нападот врз пејачката Ана Бекута за време на нејзиниот настап по повод дочекот на Српската Нова година во Чачак.
Селаковиќ оцени дека нападот врз Бекута „уште еднаш недвосмислено покажа дека омразата, дехуманизацијата на неистомислениците и насилството се единствениот вистински политички програм на опозицијата, блокадерите, нивните странски спонзори и следбеници“.


