Чартери за Турција и Египет – корона вирусот не ги спречи македонските граѓани да летуваат во странство

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Дел од македонските граѓани го победија стравот од корона вирусот. Ги пакуваат куферите и заминуваат на летување надвор од државата. Турција и Египет засега го имаат приматот меѓу дестинациите за кои постои најголем интерес.

Вчера веќе полета првиот авион за Анталија, а оној за Хургада тргнува на 10 август.

– Тргнуваат чартерите за Турција и Египет. Вчера, на 26 јули, полета првиот авион за Анталија, согласно сите безбедносни протоколи. Интересот е огромен поради што чартери ќе има два пати неделно. Следните летови се на 2 и на 9 август и сите дозволени места се пополнети, вели за МИА сопственикот на „Аурора”, Славе Сирачевски.

На 10 август, додава Сирачевски, е и првиот лет за Хургада.

– Има преголем интерес и за Египет. Летовите ќе бидат на секои девет или десет дена. Се чини дека нашите граѓани го победија стравот од КОВИД-от. Сепак, ова е добар знак и дека туристот сака да патува, дека не се живее во затворени граници, нагласува Сирачевски.

Тој смета дека ако и Грција ги отвори границите, нашите агенции ќе успеат да „фатат” барем два месеца – август и септември. Полни се, напоменува, и домашните капацитети, особено оние во охридско-преспанскиот и дојранскиот регион, како и во планинските места. Кампањата „Дома си е дома”, сепак се покажа како успешна.

– Се надеваме дека Грција ќе ги отвори границите, а ако тоа се случи барем два месеца ќе фатат агенциите, август и септември. Во земјава туристичките места се полни. Моја проценка е дека 80 отсто од капацитетите во Охридско, Преспанско и Дојранско и во планинските региони се со гости. Кај нас конкретно, во Берово, посетеноста е 100 отсто, се бара место повеќе, но нема, се е полно до 20 август. Тоа е добра оценка дека сепак „Дома си е дома” е успешна кампања, потенцира сопственикот на „Аурора”, Славе Сирачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот