Целески „распука“ по ФФМ: Нема да се игра езерското дерби, а Воска и Вардар ќе ја „галат“ тревата во Охрид

ффм
фото: ffm.mk

Како што е веќе познато, Струга Трим Лум на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид на 24 август од 17.00 часот ќе го игра првиот натпревар против Бреидаблик од Исланд во плеј-офот на Конференциската лига.

Ваквата потврда стигна од УЕФА до Фудбалската федерација на Македонија, а поради ваквата одлука натпреварувачката комисија на ФФМ е принудена да го презакаже дуелот од второто коло во Втората македонска фудбалска лига меѓу Охрид Лихнидос и Караорман за 30 август.

Од ФФМ информираа дека одлуката е донесена со цел да се создадат сите неопходни услови на стадионот во Охрид за организацијата на натпревар од УЕФА натпреварување, а тоа првенствено се однесува на заштита на тревникот на „Билјанини Извори“.

В сабота требаше да се игра мечот меѓу ГФК Охрид Лихнидос и Караорман 2017 од 17.00 часот, и тој сега официјално е одложен, но не и прволигашкиот дуел од третото коло помеѓу ФК Воска Спорт и ФК Вардар кој е закажан за в недела од 17.00 часот на истиот стадион „Билјанини Извори“.

Следуваше бурна реакција од претседателот на ГФК Охрид, Данчо Целески кој најавува оставка до Управниот одбор и до Градоначалникот на Град Охрид, но и воедно ќе покрене тужба за загубена штета во име на ГФК Охрид против луѓето потписници на оваа одлука и против ФФМ:

Утре на ден 19-ти август ТРЕБАШЕ да се игра првенствен натпревар помеѓу ГФК Охрид и ФК Караорман – ЕЗЕРСКО ДЕРБИ! Караорман годинава слави 100 години од постоење, а Охрид 104 години од постоење – 100 години ЕЗЕРСКО ДЕРБИ. Некои луѓе од ФФМ наречени комисија ни го одложија натпреварот денес околу 17 часот, тие луѓе најверојатно немаат осетено ни 100 натпревари во животот. Добивме соопштение – инструкции дека натпреварот ни е одложен без никакви наведени проблеми или причини.

Неофицијално од мои лични контакти е одложен натпреварот поради потреба да се ЧУВА ТЕРЕНОТ од штета, бидејќи ФК Трим и Лум Струга треба да игра европски натпревар следната недела. Да е шегата поголема ФК Воска Охрид во недела игра првенствен натпревар против Вардар во Охрид на ИСТИОТ СТАДИОН! Е сега да објаснат овие агрономи како ние ќе го оштетиме теренот, а Воска и Вардар ќе ја “галат” тревата.

Вакво ЛУДИЛО фудбалско не сме доживеале одамна. Наместо да ни кажат со време да го организираме натпреварот на друго место во друго време ние бевме подценати како клуб од втора лига…ГФК Охрид Лихнидос ги има исплатено сите свои обврски према ФФМ и сите институции во државата. За утрешниот натпревар се организирани карантин, прехрана, навивачки спектакл и се друго по ред… Преку 10 илјади евра трошок. Луѓе пристигнати од странство го продолжија својот престој за да бидат присутни на натпреварот и две менаџерски групи (Унгарија и Словенија) се веќе присутни во градот за да го следат натпреварот.

После оваа лакрдија, Јас Данчо Целески Претседател на ГФК Охрид, долгогодишен спортски работник најавувам оставка која ќе ја поднесам до управниот одбор и до Градоначалникот на Град Охрид. Истотака ќе покренам тужба за загубена штета во име на ГФК Охрид против луѓето потписници на оваа одлука и против ФФМ.
Спортски Поздрав до сите вистински љубители на фудбалот во Македонија! – стои во објавата на Целески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот