Фото: МВР на Србија

Царина не знае како и од каде петте тони канабис завршиле во Србија?

Македонската царинска управа сè уште не може да утврди како и од каде камионот со петте тони канабис ја преминал границата со Србија. Ваква информација вчера објави српска Нова.рс по повеќе од десет дена молк од надлежните институции како марихуаната од Македонија заврши во Србија.

-Тие не знаат на кој премин излегол, кога и како. Проверуваат и засега не можат да го утврдат ни движењето ни преминот – рекол изворот на Нова.рс.

Царина со штури информации

 

За Царинската управа ова се шпекулации кои не се потврдени од официјалните институции.

-Царинската управа врши проверки во рамки на своите надлежности за утврдување на фактичката состојба. Воспоставена е редовна комуникација со останатите надлежни институции сè со цел координирано делување. Повеќе информации ќе бидат споделени по целосно завршување на постапката – велат од Царинската управа за „Слободен печат“.

Откако беа откриени овие пет тони на 29 јануари, директорот Бобан Николовски нема излезено со официјални информации, а оттаму велат дека во јавност ќе излезат кога ќе заврши истрагата.

Овие неофицијални информации се совпаѓаат со прашањето на премиерот Христијан Мицкоски:  -Од каде информацијата дека од државава се излезени 5 тони марихуана, од каде знаете дека се потекнати од тука?

Друга неофицијална теорија која се шири е дека марихуаната ја поминала границата со пломбирани камиони, а во документот бил заведен друг производ, информации кои Мицкоски не ги потврди.

– Немам такви информации! – рече тој.

Политички обвинувања

 

Во отсуство на официјални изјави од Министерството за внатрешни работи, Обвинителството и Царинската управа, изјавите на премиерот се единствено официјални за овој случај, после кој следуваше рекордна заплена од 40 тони марихуана од фирми кои имале лиценца за медицински канабис.

-Неколку други правни субјекти се под постојан надзор. Не случајно кажав дека неколку десетици тони ќе бидат откриени и не случајно кажав дека е можно и до сто тони да дојдеме, но се разбира сега не е моментот кога тоа би го соопштувал или споделувал со јавноста. Многу едноставно, направен е на диво правилник кој е спротивен на законот иако сите просечни фармацевти и луѓе кои се во фелата знаат дека на отворено кога се одгледува цвет од канабис тој никако не може да ги сподели стандардите коишто се потребни да се екстрахира масло од канабис. Очигледно тој некој носејќи го правилникот свесно влегол во кривично дело и бил практично почетокот на организираниот криминал – рече Мицкоски.

ВИДЕО | Српската полиција откри пет тони марихуана во Шумадија – најголема заплена во историјата

Правилникот со кој се овозможило одгледување на канабис на отворено, кој постојано го повторува премиерот, го донел поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити. Тој е близок со поранешниот коалициски партнер на владата Арбен Таравари, па политичките обвинувања сега се префрлија и на албанската политича сцена, па за скандалот се виновни сите политички противници.

Градоначалникот на Чаир и претседател на Демократското движење, Изет Меџити во интервју за „Лајм“ го нарече Таравари „министер за канабис“.

– Таравари потпишал седум лиценци за канабис во својство на министер за здравство. Значи ова не е министер за здравство, ова е министер за канабис, министер за марихуана. Со таа акција, ова го донесе подземјето на регионот во Македонија, а денес ги гледаме политиките што ги правеше тогаш – рече Меџити за весникот „Лајм“.

Дефокус од скандалот

Таравари пак најави тужба за клевета против Меџити.

Претходно во фокусот на обвинувањата за криминалот со марихуана беше поранешниот премиер Зоран Заев, кој исто најави тужба доколку не му се извинат. Лидерот на СДСМ пак, Венко Филипче, вели дека се прави дефокус од големиот скандал.

-Немаме одговор како таа дрога го поминала граничниот премин, покрај сите гранични служби, царина и полиција. Кој е одговорен таму? Дали проверуваат налози, дали бараат документација? Тоа се три или четири камиони со приколки, колку е потребно за да се натоварат пет тони дрога. Во ред, нека се спроведат тие истраги, каде што има криминал, нека одговорат, но сето ова се прави поради дефокусирање. Никој не одговара на прашањето како пет тони дрога стигнале во Србија? Тоа е главното прашање! – повторуваат од опозициската партија.

Војна со „битангите“

 

Иако нема одговор за петте тони, Мицкоски најави жестока борба со криминалот и криминалците кои ги нарече „битанги“.

– Оние битанги кои се занимаваат со овие незаконски дејанија најголем дел се позади затвор, позади решетки. Има уште некои кои периодов што следи ќе се најдат таму, така што јас кажав дека мора да покажеме и докажеме дека работата со криминалот е неисплатлива професија и жестоко ќе биде санкционирана и тоа ќе биде така додека јас ја предводам владата. Знаете, пред само четири-пет години какви битанги и бараби хараа по Скопје и Македонија. Фала му на Бога тоа го нема, тие се таму каде што се – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот