Вонредна контрола во скопската фирма за канабис – како пет тони марихуана станале невидливи и завршиле во фирма за корнишони во Србија?
По откривањето на големата наркоафера во Србија, каде беа запленети пет тони марихуана спакувана во картонски кутии од Македонија, институциите влегле во фирмата „Алфафарм“, чиј косопственик „падна“ во акцијата. Компанијата во 2024 година добила одобрение за одгледување медицински канабис, а вонредна контрола во неа извршило Министерството за здравство во координација со Министерството за внатрешни работи.
Препорачано
Но што откриле и дали имало какви било нерегуларности од Министерството за здравство не откриваат, а информации нема ниту од МВР како огромното количество марихуана ја минало границата и стигнало во Србија, во фирма во село кај Крушевац, во сопственост на пратеник од владејачката Српска напредна странка (СНС), која се занимавала со корнишони.
Во 2024 фирмата добила дозвола за медицински канабис
Фирмата во Македонија е отворена во 2023 година, а веќе следната година добила одобрение за одгледување медицински канабис.
-Одобрението за одгледување канабис за медицински цели на посоченото правно лице е издадено во март 2024 година, согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции и Правилникот за начинот и постапката за издавање одобрение, како и за исполнување на условите за одгледување на канабис за медицински цели. Исполнувањето на пропишаните услови било утврдено од страна на Комисијата за оценување на исполнетоста на условите, формирана при Министерството за здравство, која постапувала врз основа на доставената документација и извршените контроли, согласно своите законски надлежности.
Во однос на настанот за кој информирате, Министерството за здравство, преку надлежните служби, во координација со Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции, има извршено вонредна контрола кај правното лице. Врз основа на утврдената фактичка состојба и евентуално констатираните неправилности, Министерството ќе постапи согласно законските прописи и ќе ги преземе сите мерки предвидени со закон, доколку за тоа постојат законски основи. Министерството постапува исклучиво врз основа на официјално утврдени факти и докази, со целосно почитување на законската процедура – велат од Министерството за здравство.
Уапсениот за внес на 5 тони марихуана во Србија, имал фирма и во Скопје ама работела со загуби
Обвинителството отвори предмет и комуницира со Србија
Од истражните институции единствено се огласи Обвинителството, од каде тврдат дека веднаш бил отворен предмет за да се откријат евентуални организирани групи во Македонија поврзани со марихуаната.
„Обвинителството уште во петокот беше навремено и целосно информирано за настанот и без одлагање презеде активности во рамките на своите законски надлежности. Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана.
Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“, велат од Обвинителството.
Од Царина пак апелираат да не се шпекулира.
-Царинска управа ќе ги изврши потребните проверки во моментот кога ќе ги добиеме официјалните податоци. Притоа, апелираме да не се шпекулира со податоци кои не се потврдени од официјални институции – велат во краткиот одговор.
Апсења, сопственици и промени во структурата
Во акцијата на српската полиција уапсен беше Иван Драгниќ, eден од сопствениците на фирмата „Алфафарм“ кој се најде на радарот на српското Јавно обвинителство за организиран криминал поради сомнение дека е вмешан во производство, шверц и продажба на пет тони марихуана пронајдени во селото Коњух кај Крушевац. Уште едно лице има исто презиме како осомничениот организатор, кој е во бегство.
Фирмата е лоцирана во скопската населба Кисела Вода, а како сопственици, освен Драгниќ, се наведуваат и Предраг Брковиќ, Роберт Живковиќ, Јована Мијајловиќ и Драган Крстев.

Она што е индикативно исто така е што фирмата работела со загуба уште од првата година на формирањето, за во 2024 година да оствари драстичен пад на прихопдите, зголемување на расходите и нето загубата.
Кога се случила акцијата во Србија и додека била во тек, Александар Милошевиќ и Даниел Савасци излегле од сопственичката структура на компанијата, Савасци баш на 30 јануари.
Поврзаност и претходни случаи
Ова не е првпат луѓе од Србија да се поврзуваат со македонски компании за одгледување канабис. По апсењето на сопственикот на „Јовањица“, Предраг Колувија, во 2019 година, беше откриено дека тој поседувал и плантажи во Македонија.
До овие сознанија се дојде откако полицијата откри дека Колувија ја користел апликацијата „Разговор“ за тајна комуникација. На неа имал две групи – „Совет за безбедност“, преку која комуницирал со членови на безбедносните служби и полицијата, и „Росоман производство“, во која биле вклучени соработници во Македонија, каде одгледувањето медицински канабис беше легализирано во 2015 година.
Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски завршија во притвор, додека осомничениот организатор на групата, Александар Мијајловиќ, е во бегство и се бара со меѓународна потерница.
Според српското Јавно обвинителство за организиран криминал, групата од почетокот на јануари до 29 јануари 2026 година на територијата на Македонија набавила 5.002.079,18 грама марихуана.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогата преку границата до магацинот на семејството Спасојевиќ, од каде осомничениот Урош Младеновски ја подигнал за понатамошна продажба.
Корнишони како параван?
Петте тони марихуана биле пронајдени на имотот на компанијата „Флораком“ во селото Коњух кај Крушевац, во сопственост на Радет Спасојевиќ. Според достапните информации, „Флораком“ се занимава со организирано производство и откуп на корнишони.
Проценетата пазарна вредност на конфискуваната дрога изнесува околу 50 милиони евра.
Опозицијата секојдневно реагира и брои колку дена власта молчи за скандалот со заплената на пет тони дрога. Втор ден по ред, како што велат, власта молчи за картелскиот скандал со дрога од Македонија запленета во Србија.
-Нели има ‘Сејф сити’ камери, скенери и контроли на граничните премини? И никој ништо не видел и не чул додека пет тони дрога така лесно се пренеле? Без поддршка, заштита и логистика од структури во власта, МВР и Царината, криминал од вакви размери не е можен – еагираат од опозициската СДСМ, барајќи одговори кој е вмешан, колку пратки дрога поминале и кој ќе одговара.


