„Н1“: На денот на историската заплена на 5 тони марихуана од Македонија во Србија, двајца клучни началници добија „чистка“ од одделот
Во четвртокот наутро српската полиција спроведе акција за апсење и за заплена на најголемото количество марихуана откриена во историјата на Србија. Медиумите за тоа известија дури попладнето, кога стигна соопштението од српското Министерство за внатрешни работи. На местото беше и началникот на криминалистичката полиција на Министерството за внатрешни работи на Србија, Марко Хричак, додека се очекуваше доаѓањето на министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Препорачано
За успешната акција Дачиќ со цела уста го пофали новиот шеф на Управата за криминалистичката полиција, иако по правило полицијата постапува по налог на Обвинителството, што срамежливо го констатираше и самиот министер, пишува „Н1“.
-Само уште ќе споменам дека секако оваа акција е спроведена во соработка со надлежното обвинителство, рече Дачиќ.
Никој не можеше ни да претпостави дека прашањето од милион долари ќе биде – „кое точно Обвинителство?“.
Обвинителството за организиран криминал на Србија кое инаку се занимава со вакви предмети соопшти дека на осомничените кои се бранеле со молчење им е одреден притвор. Сепак, медиумите блиски на власта во Србија одеднаш почнаа да тврдат дека се работело за продолжение на акција на друго Обвинителство, кое го води човек кој важи за близок до власта, објави Н1.
Предметот за заплена на 5 тони, на крајот го презеде Обвинителството за организиран криминал кое сега преку тајкунските таблоиди се кити со туѓи перја, иако Вишото обвинителство во Белград во соработка со Службата за борба против дрога на Управата за криминалистичка полиција е заслужно за целата заплена на 7 тони марихуана, наведоа на Информер.
Новинарот на „Радар“ вели дека ова е комплетна невистина. Акцијата е по налог на Обвинителството за организиран криминал на Србија и почнала пред неколку месеци, а вклучени биле посебни истражни мерки, надзор над комуникациите и тајно следење. Дачиќ, за акцијата дознал дури откако таа почнала.
Сосема е јасно дека се работи за истрага која ја водеше Обвинителството за организиран криминал во содејство со одделот за борба против дрога на Управата за криминалистичка полиција, вели новинарот на „Радар“ Милан Радоњиќ.
Началникот на одделението на Управата за криминалистичка полиција е Раша Поповиќ, а негов заменик е Никола Ѓоковиќ. Ѓоковиќ пред 8 години ја доби наградата за најпосветен полициски службеник. Тој во 2017 раководел со акции во кои се запленети тон и половина марихуана.
„Денеска, кога во соработка со обвинителката на Обвинителството за организиран криминал Ирена Бјелош во еден ден заплени 5 тони марихуана – неговиот шеф го награди со отстранување од позицијата односно со промена. „Радар“ открива дека лично началникот Хричак, баш на денот на историската заплена на 5 тони марихуана кои потекнувале од Македонија а беа фатени во Србија – барал тој да биде префрлен во сектор за информатика“, пишува „Н1“.
-Двајца многу искусни полицајци со големи резултати, треба да одат во сектор во кој никогаш не работеле и во сектор во кој не можат да придонесат ништо, наведува новинарот Радојниќ.
А обвинителката има само уште 1 месец да го расветли овој случај бидејќи е „позајмена“ во Обвинителството за организиран криминал и според новиот закон наскоро ѝ истекува мандатот.
Еден од уапсените според Н1 бил функционер на владејачката партија која е во блиски односи со министерот во владата на Србија.


