Фото МВР на Србија
Фото МВР на Србија

Уапсениот за внес на пет тони марихуана во Србија имал фирма и во Скопје, ама работела со загуби

Српскиот државјанин Иван Драгниќ кој беше уапсен во голема полициска акција во Србија, под сомнение дека внел 5 тони марихуана од Македонија во Србија – има фирма во Скопје заедно со уште тројца Срби, објави Фокус.

Името на фирмата е „Алпхапхарм Гроуп ДОО“ Скопје и таа е основана во 2023 година со основна главнина од 530 илјади евра.

Компанијата е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.

Сепак, од податоците се заклучува дека на фирмата не и одело толку добро, бидејќи работи со загуби. Последните податоци се за 2024 година, кога фирмата пријавила загуба од над 8 милиони денари. Фокус дојде и до податок дека на 16 април 2024 година, во Службен весник било објавено дека оваа компанија добила согласност за одгледување на канабис за медицински цели, објави Фокус.

Полицијата во Србија соопшти дека запленила рекордни пет тони марихуана кај селото Коњух во близина на Крушевац, во централна Србија, пренесуваат тамошните медиуми.

Според српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, станува збор за досега најголема заплена на дрога во Србија. Вредноста на „тревата“ се проценува на седум до десет милиони евра.

Уапсените ќе одговараат за неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги и нелегално производство, поседување, носење и продажба на оружје и експлозивни материи, откако во акцијата е пронајдено и оружје. Според информациите, се работи за најмалку четири автоматски пушки и еден рачен ракетен фрлач „зоља“, како и околу 13.000 евра.

Според полицијата, криминалната група ја складирала марихуаната во простории на трговската компанија „Флораком“, од каде што понатаму ја дистрибуирала на територијата на главниот град на земјата, Белград, за натамошна продажба.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се огласи по повод оваа заплена која води до Македонија.

Што и да се случи, каде и да се случи, тие ќе свртат сѐ наопаку и за секој успех на државата ќе ја обвинат токму државата, напиша Вучиќ во објава на Инстаграм, реагирајќи на коментарите и критиките поврзани со случајот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот