Бугарските позиции бучни ама осамени

Документот истакнува одредени аспекти од позицијата на една земја, ставовите на Унијата се содржани во заклучоците на Европскиот совет и тие се достапни за секого. Ние добивме безусловна одлука за почеток на преговорите и европските институции веќе работат на изготвувањето на преговарачката рамка, вели претседателот Стево Пендаровски

Дали Македонија е пред нова голема пречка на патот кон Европската Унија, откако Изјавата на Бугарија, со која источниот сосед упатува серија барања кон нашата земја, се најде во записникот од усвојувањето на заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март, кога Македонија доби одобрување за почеток на преговорите за членство? Во оваа Изјава, Бугарија бара во рамките на ЕУ да не се користи терминот „македонски јазик“ туку „службен јазик на РСМ“, Македонија да ускрати поддршка на организации на, како што се вели, „таканареченото“  македонско малцинство во Бугарија.

Според претседателот Стево Пендаровски, нема место за стравување дека нашиот идентитет ќе биде загрозен или ќе го изгубиме правото нашиот јазик да го нарекуваме македонски јазик, а според вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, се работи за „предизвик за Македонија и осамена позиција на Бугарија“. Слична оценка за овој бугарски потег даде и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги нападнаа надлежните дека со денови ја криеле бугарската уцена од јавноста.

Нема стравувања, само појаснувања

Претседателот Стево Пендаровски за „Слободен печат“ потенцира дека проблемите ќе ги решаваме добрососедски.

– Документот истакнува одредени аспекти од позицијата на една земја, ставовите на Унијата се содржани во заклучоците на Европскиот совет и тие се достапни за секого. Ние добивме безусловна одлука за почеток на преговорите и европските институции веќе работат на изготвувањето на преговарачката рамка, согласно со заклучоците и усвоената нова методологија.

Сакам да нагласам дека билатералните прашања треба да се решаваат низ дијалог, во духот на добрососедската соработка. Ние како држава имаме цврста политичка волја токму така да постапуваме наредниот период – добрососедски. Многупати и од меѓународната заедница е нагласено дека интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија, а особено на нашата држава, е прашање од геополитичко и безбедносно значење, пред сѐ за самата Унија.

Нема место за стравување дека нашиот идентитет ќе биде загрозен, или ќе го изгубиме правото нашиот јазик да го нарекуваме македонски јазик, кој е меѓународно признат и е во употреба во меѓународните односи уште од времето на поранешна Југославија – вели претседателот Пендаровски за „Слободен печат“.

Предизвик што треба да се менаџира

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера изјави дека свикал координација „за да се разгледаат сите аспекти на темата“.

– Oчигледно e дека станува збор за позиција на една земја членка, a таа позиција не е внесена во заклучоците, туку само во записникот како еднострана позиција. Мислам дека со нашиот сосед треба да продолжи комуникацијата и на политичко и на експертско ниво, со цел да се менаџира и овој предизвик. Сметам дека нашите односи имаат доволно апсорпциски капацитет за да се надмине оваа состојба и тоа да не влијае врз динамиката на преговорите – изјави вчера Османи за порталот МКД.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски завчера од прес-конференција бугарскиот документ го нарече „скандал од невидени размери и уцена за датумот за преговори со ЕУ“. Според него, не се работи за позиција на една земја членка, туку „во заклучоците на Советот на ЕУ јасно стои дека изјавата на бугарската делегација е составен дел од одлуката“.

– Македонија има нов голем проблем во нејзините европски интеграции. Од Македонија се бара да се откаже од македонско малцинство, а со тоа и од именувањето на македонскиот народ како македонски, затоа што малцинствата во соседните држави се нераскинлив дел од македонскиот народ, како и да се откаже од македонскиот јазик. Македонија ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања, ако сака да продолжи со преговорите со ЕУ, се вели помеѓу другото во документот што стана дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и без кој нема датум за преговори за Македонија. Со имплементацијата на одредбите на овој документ, се условува одржувањето на првата меѓувладина конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ – рече Николоски.

 „Политички лешинар“

Министерот Димитров на Николовски му одговори преку Фејсбук и го нарече „политички лешинар“.

– Александар Николовски е политичарот што од среде Собрание за проектот „Скопје 2014“ со цел ум рече: „Ние сега првпат градиме македонски идентитет“. Деновиве со тактика на политички „лешинар“, небаре се радува и одвај чека да има лоши вести, токму истиот тој Николовски е повторно гласен во врска со Изјавата на Бугарија прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март. Се разбира, можно е Николоски толку и да разбира како функционира светот на дипломатијата, па да не знае дека во случајов станува збор за стриктно унилатерална толкувачка изјава што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ – Бугарија, во која впрочем е јасно наведено дека тоа е видување на Бугарија (не на ЕУ!). Документ што самата Европска Унија не го објави во пакетот со заклучоците. Притоа, оваа изјава нема никаков правен ефект врз содржината и опсегот на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија – напиша шефот на македонската дипломатија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот