Бугарските историчари бараат вонредна средба на Комисијата за историски прашања

Вонредна средба на Комисијата за историски прашања ќе бара бугарската страна откако премиерот на Бугарија, Бојко Борисов пред два дена побара таа да работи секојдневно и до октомври да ја заврши својата работа.

Ангел Димитров, кој ја предводи бугарската страна во Комисијата, за Бугарското национално радио, изјави дека ќе ги покани македонските колеги до крајот на август на состанок, пред редовно закажаниот во септември.

Според него македонската страна била таа која не била подготвена за секојдневно работење.

– Не е возможно да се работи деноноќно! Ова може да се случи само ако нашите колеги се подготвени за тоа, но тие не се и тоа е докажано многу пати. Денес дури и ќе ги поканам нашите колеги – вонредно, на место што ќе го изберат, ако сакаат и во некое одморалиште во Бугарија, да закажеме состанок на крајот од август за да ја олесниме нашата работа за состанок во септември. Повеќе пати сме предлагале нашите состаноци да бидат почести, со поинтензивен работен ритам, но нашите колеги сметаат дека шест средби во текот на една година досега се доволни – изјави Ангел Димитров, претседател на бугарската страна во Комисијата за историски прашања.

На таа средба треба да се решат две важни прашања – бугарските учебници за средновековието и османлискиот период, но и прашањето за чествувањето на Гоце Делчев.

-Работите за Гоце Делчев за бугарската историска наука се јасни. Историчарите нема да кажат што е Гоце Делчев. Тие можат само да го потврдат или негираат тоа што тој го кажал за себе, за своето семејство, за околината во која израснал, за кои интереси работел и за кои го дал животот. Разликите по тоа се фундаментални. Ние сакаме да го гледаме Гоце Делчев како личност во неговото историско време, а не од гледна точка кои ги напуштаат чисто историските гледања и кореспондираат со подоцна создадени слики со чисто политичка конотација. За нас тоа не е продуктивен пристап, модерен, современ. Тука се разидуваме со колегите – вели Ангел Димитров, претседател на бугарската страна во Комисијата за историски прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот