Бугарскиот претседател поднесе оставка: Румен Радев ќе формира своја политичка партија?
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, ќе поднесе оставка, соопшти тој во обраќање во понеделникот, што дополнително ги засили шпекулациите дека ќе формира сопствена политичка партија и дека ќе учествува на претстојните парламентарни избори, откако претходната влада поднесе оставка минатиот месец, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Радев, кој требаше да ја извршува претежно церемонијалната функција до јануари 2027 година, изјави дека оставката ќе ја достави до Уставниот суд во вторник. Доколку биде одобрена, на негово место како вршител на должноста претседател ќе стапи потпретседателката Илијана Јотова, сè до одржувањето на претседателските избори во ноември.
Радев, кој јавно изразува скепса кон неодамнешниот чекор на Бугарија за приклучување кон еврозоната и кој има ставови наклонети кон Кремљ во врска со војната во Украина, беше избран за претседател во 2016 година, а повторно во 2021 година.
ВИДЕО | Жељазков го прими, па веднаш го врати мандатот – напролет пак избори во Бугарија
Неговите политички амбиции, сепак, со текот на времето се проширија и тој подолго време ја навестува можноста за формирање сопствена партија.
Одлуката за повлекување, која во Бугарија беше широко очекувана, доаѓа во време на длабока политичка криза, во која земјата се движи кон осми парламентарни избори во последните четири години. Фрагментираниот парламент доведе до тоа ниедна изборна победничка партија да не успее да обезбеди мнозинство или да формира стабилна владина коалиција.
Последната коалиција опстана речиси една година, сè додека протестите против новиот буџет и широко распространетата корупција не ја принудија да поднесе оставка во декември. Се очекува изборите да се одржат во наредните месеци.
Во меѓувреме, Радев, поранешен командант на воздухопловните сили, повеќепати мораше да назначува технички влади, што, според аналитичарите и западните дипломати, дополнително ја зголеми неговата јавна видливост и ги засили неговите политички амбиции.
„Мафијата не сака машини што бројат гласови“: Граѓани протестираат во Бугарија, бараат фер избори


