„Мафијата не сака машини што бројат гласови“: Граѓани протестираат во Бугарија, бараат фер избори
Бугарски граѓани протестираа во центарот на Софија под слоганот „За фер и правични избори и за 100 отсто машинско пребројување на изборните резултати“, објави БТА.
Препорачано
Протестот е организиран од коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ и се одржа на плоштадот познат како „Триаголникот на власта“, каде што новата зграда на Народното собрание е опкружена со Претседателството и со Советот на министри.
Демонстрациите се поддржани и од партијата „Вазраждане“, партијата „Морал, единство, чест“ (МЕЧ), Алијансата за права и слободи и од партијата „Величие“.
Пораката „Мафијата не сака машини“ беше проектирана на фасадата на зградата на Претседателството.
Сообраќајот во пошироката област, позната како Ларгото, беше привремено прекинат.
Заменик-шефот на пратеничката група на „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), Божидар Божанов, изјави дека постои голема разлика меѓу воведување нова изборна технологија што, како што нагласи, навистина не треба да се прави во последен момент и враќање на систем кој функционирал избор по избор пред неколку години.
— Втората опција е многу побезбедна, поразумна и има поширока поддршка од јавноста — изјави тој пред новинарите.
Божанов ја опиша актуелната состојба, која комбинира машини и хартиени ливчиња потврдени од гласачите, како лошо решение, објаснувајќи дека машините сега функционираат само како принтери, додека, пак, конечниот резултат повторно се пребројува рачно врз основа на хартиените записи.
Тој нагласи дека ПП-ДБ ќе продолжи да инсистира на 100 отсто машинско гласање.
Според пратеникот на ПП-ДБ, Ивајло Мирчев, мнозинството во парламентот го поддржува протестот.
Мирчев ги повика сите да дадат поддршка за машинското гласање.


