Судење за пожарот во „Пулс“, Кочани / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Брза помош била повикана на рочиштето за трагедијата во „Пулс“

Брза помош била повикана на денешното рочиште за случајот „Пулс“ во судницата во Идризово откако му се слошило на газдата на дивата дискотека, Дејан Јованов – Деко на паузата од судењето.

Како што објасни судот, тој се пожалил дека му се влошила здравствената состојба за што претходно алармираше и неговата адвокатка Ивана Коцевска.

Таа на паузата во изјава за медиумите рече дека на Деко му била направена сериозна операција на лумбалниот ‘рбет на две нивоа.

– И покрај жалбите за укинување на мерката притвор, таа не беше укината и беше вратен во притворски услови. Таму имаше импровизирачки третман од страна на нестручни медицински лица, кои придонесоа во петокот, на 17 април, да му биде извршена втора операција поради голем црвен оток, полн со гнојна содржина. Поради тоа, веднаш бил спроведен на итна операција, а денеска на најнехуман начин беше спроведен директно од болница на денешното судење иако во таква состојба тој треба да биде хоспитализиран. Неговата рана е отворена и подложна на дополнителна инфекција. Не е сошиена бидејќи таа би можела дополнително да собира гнојна содржина. Од овие причини одбраната јавно апелира и го истакна овој предлог пред судечкиот совет бидејќи по писмен пат нема никаква реакција – рече Коцевска.

И покрај ваквите тврдења, судењето продолжи бидејќи докторите процениле дека Деко може да продолжи да ја следи денешната расправа.

– По извршената интервенција, судот информира дека на обвинетиот му е даден совет за земање храна и вода, што му беше понудено, но тој одби. Потоа брзата помош го информира судот дека по дадената интервенција, тој може да продолжи со следење на денешната расправа – изјави судијката Диана Груевска-Илиевски која го води судењето.

Бранителката на Деко, адвокатката Коцевска, пред почетокот на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, изјави дека „мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“.

Судијката Дијана Груевска-Илиевски рече дека судот е многу добро запознаен со здравствената состојба и поради итност, со негова согласност е однесен на операција во петокот.

– Таму сите лекари рекоа дека се потребни три дена мирување. Тие се поминати и затоа денеска е спроведен. Немаме такви сознанија од затворскиот лекар, а ние постапуваме по тоа – изјави Груевска-Илиевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот