Судење за Кочани 2 ден/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Газда Деко бара да го пуштат во куќен притвор – дошол на судење со отворена рана

Одбраната на газдата на кабарето „Пулс“, Дејан Јованов – Деко кој е првообвинет за кочанската трагедија, бара судот да го пушти од затворскиот притвор и да му одреди мерка куќен притвор со образложение дека неговата здравствена состојба била аларамантно влошена.

Адвокатката на Деко, Ивана Коцевска кажа дека судот е запознаен со здравствената состојба на обвинетиот и потенцираше дека тој денеска со отворена рана по оперативен зафат е спроведен од болнички услови на судење.

– Импровизирано третирање во затворски услови гарантира катастрофални последици поради несоодветните услови, особено кога неговото здравје континуирано се влошува. Ова ги премина сите човечки граници на хуман третман и сметам дека е неопходно да му се укине притворот и замени со куќен. Селективна примена на оваа мерка, само на двајца од вкупно 34 кои се товарат за исто дело, иако Дејан е со најлоша здравствена состојба. Мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење – изјави Коцевска.

Судијката Дијана Груевска Илиевски, рече дека судот е многу добро запознаен со здравствената состојба и поради итност на негова согласност е однесен на операција во петокот.

– Таму сите лекари рекоа дека се потребни три дена мирување. Тие се поминати и затоа е денеска спроведен. Немаме такви сознанија од затворскиот лекар, а ние постапуваме по тоа – изјави Груевска Илиевски.

Јавното обвинителство рече дека ги сослушале наводите и по разгледување на документацијата на крајот од денешната расправа ќе одлучат дали ќе се произнесат или тоа ќе го направат писмено.

И претходно, неговата адвокатка бараше Деко да биде преместен од затворот во Куманово, каде што е во притвор, во затворот во Шутка бидејќи бил изложен на нечовечко однесување, но судот не го прифати ова барање.

Кумановскиот затвор ги демантираше тврдењата на Деко, и тврдеше дека на 26 февруари 2026 година бил извршен разговор со притворениот, кој потврдил дека нема проблеми со службениците. Единствените забелешки на газда Деко се однесувале на чести претреси и на фактот што побарал да му се смени душекот.

 

Една третина од преживеаните и повредените од пожарот во Кочани се соочуваат со анксиозност, депресија и посттрауматско растројство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот