Брутално ги мачеле, им сечеле глави и ги топеле во киселина, па си ги препраќале снимките: Полицијата откри нови детали за свирепата криминална банда

Фото: Pedja Milosavljevic / AFP / Profimedia

Полицијата во соработка со БИА и обвинителството за организиран криминал, освен двајцата организатори, уапсила уште 15 припадници на групата поради сомнение дека извршиле најмалку девет ликвидации, меѓу кои и убиството на навивачот на Црвена Ѕвезда, Здравко Радојевиќ, кој минатата година исчезна без трага.

Неволја бил уапсен на планината Рудник, а Миљковиќ во Белград. Во текот на вчерашниот ден биле претресени повеќе од 30 локации, меѓу кои и три викендички, лоцирани меѓу Лозница и Горни Милановац, во кои биле пронајдени клучни докази за некои од најбруталните злосторства кои ги извршиле.

ВИДЕО I Апсења во Србија: Полицијата го приведе Веља Невоља, водач на навивачката група „Јаничари“, се „тресе“ и дел од стадионот на Партизан

Беливук во српската јавност е познат и како водач на навивачката група „Јаничари“, подгрупа на навивачите на Партизан, што подоцна беше преименувана во Приниципи. Тој ја презеде групата по убиството на Александар Станковиќ, алијас Сале Мутави, во близина на Централниот затвор во 2016 година, пренесе Н1.

На Беливук му се судеше и за помагање во убиството на Властимир Милошевиќ во јануари во 2017 година, но подоцна беше ослободен од обвинението.

Беливук и Миљковиќ беа уапсени, па пуштени на 29 јануари

Претреси се вршеа на уште 30 локации, а пред реализација на акцијата биле прибавени материјални докази поради што се уапсени 16 лица за кои е одреден притвор во траење до 48 часа.

Беливук и Миљковиќ беа приведени на белградскиот аеродром на 29 јануари по слетување од Црна Гора, меѓутоа по нивното неколкучасовно испрашување беа пуштени на слобода, пренесе српски Блиц.

Место на злосторството

„Клучните докази за ликвидациите зад кои, како што се сомневаме, стои Беливук со припадниците на неговата криминална група, која според бруталноста кон жртвите го надмина и земунскиот клан, се пронајдени во овие три викендички. Освен оружје, откриени се и материјални докази, остатоци и ДНК материјали, а форензичарите и натаму проверуваат дали меѓу насобраните траги има биолошки материјали од минатиот период“, рекол изворот за српски Курир, објаснувајќи дека три куќи се третираат како места на злосторства.

Според неговите зборови, минатата година се случиле повеќе киднапирања кои се поврзуваат со оваа криминална група, а жртвите, но и нивните тела, не се пронајдени до денес. Според медиумот, вчера биле пронајдени клучни докази кои упатуваат на тоа дека жртвите биле мачени, а потоа горени со киселина во овие куќи.

„Повеќе луѓе се исчезнати, за чии судбини со месеци не се знае ништо. Меѓу нив е Радојевиќ, а  секаков траг му се губи од минатиот август, но и на Горан Величковиќ Гокси, како и на пинк-пантерот Миљан Љепоја. Постои сомнеж дека тројцата се брутално убиени“, вели изворот.

Апликација Скај – Кобната грешка на припадниците на групата на Беливук

Лидерот на навивачите, кој бил близок со Кавачкиот клан бил уапсен вчера околу пет часот наутро, наводно додека со припадниците на својата група се обидувал да ги уништи трагите од злосторството.

„Неволја и припадниците на неговата криминална група паднаа кога тргнаа да ги запалат автомобилите што ги користеле во текот на киднапирањата, како и убиствата. Автомобилот „Смарт“ кој го однеле во Рудник стана клучен доказ во истрагата за исчезнувањето на Горан Величковиќ Гокси. Во тој автомобил е снимен Беливук, и тоа додека разговарал со Величковиќ, на кого потоа му се губи секој траг“, според извор на истрагата кој открива дека оперативните информации укажуваат дека сите овие злосторства ги снимале, за потоа видео материјалот да си го препраќаат едни на други.

„На разоткривањето на една од најголемите криминални групи во регионот се работеше со месеци. Се појавија информации дека групата ги снимала злосторствата и ги препраќала преку апликацијата „Скај“, која ја користеле за меѓусебна комуникација. Постојат информации кои укажуваат дека на еден од убиените му ја отсекле главата, на друг јазикот, додека ги топеле деловите од телата“, објаснува извор од истрагата.

Доколку бидат осомничени за тешко убиство, Вељко Беливук и неговите соработници би можеле да бидат осудени на доживотна казна затвор.

„Со измената на законот, за најтежок облик на убиства сега, наместо 40 години, се одредува доживотна казна затвор“ рекол соговорникот за српски Курир, додавајќи дека осомничените најверојатно денеска ќе бидат приведени на сослушување во Обвинителството за организиран криминал.

Вучиќ: Полициската акција е голем удар за мафијата и организираниот криминал

Ова е голем удар за мафијата и организираниот криминал, оцени вчера српскиот претседател Александар Вучиќ по полициската акција.

Вучиќ во заедничко обраќање со српската премиерка Ана Брнабиќ, после седницата одржана по повод 100 дена нова српска Влада, изјави дека акцијата е продолжение на најавената одлучна борба на државата против мафијата и организираниот криминал.

Вучиќ рече дека верува дека „борбата ќе продолжи“ и дека такви акции ги очекуваат „Ниш и Врање, Ваљево, Суботица и други градови“.

„Како што гледате, државата неколку месеци следеше и бараше докази и победи“, додаде Вучиќ, откако претходно и српскиот министер за полиција, Александар Вулин порача дека нема да се дозволи „создавање на криминални кланови кои мислат дека се посилни од државата“.

Вучиќ: Денешната полициска акција е голем удар за мафијата и организираниот криминал

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот