Брнабиќ: ЕУ не знаат за некои важни работи кои функционираат во регионот

-Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изрази надеж дека 2021 година ќе биде поуспешна и за Србија и за регионот на Западен Балкан, кога станува збор за евроинтеграциите.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изрази надеж дека 2021 година ќе биде поуспешна и за Србија и за регионот на Западен Балкан, кога станува збор за евроинтеграциите, јави дописникот на МИА од Белград.

По работната вечера подготвена за лидерите на Западен Балкан од страна на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел, Брнабиќ изјави дека овој настан е корисен бидејќи е организиран од луѓе кои навистина се залагаат за агендата за проширување, соопштија на сајтот на српската Влада.

-Јас би рекла дека тропнавме на отворена врата. Добриот совет што тие го споделија со нас е дека сите заедно треба да бидеме многу поприсутни во земјите-членки на ЕУ, дека со нив треба многу повеќе да разговараме и да ги информираме за тоа што се случува во нашите земји, изјави Брнабиќ.

Таа посочи дека членките на ЕУ треба да бидат информирани за тоа што работиме и што сме постигнале, бидејќи поради кризата предизвикана од пандемијата, нивното разбирање и информациите за Западен Балкан се прилично ограничени.

Брнабиќ посочи дека ќе се обиде што е можно повеќе Србија да биде присутна во земјите на ЕУ со цел да разјасни што се случува, и додаде дека е сигурна дека земјите од ЕУ не знаат за некои важни работи што веќе започнале да функционираат, а кои би придонеле за перцепција на регионот.

Според неа, на пример, тоа е дека на оние што доаѓаат во Северна Македонија од Србија не им е потребен пасош, туку само лична карта, а од пред два месеци, не им треба пасош ниту за Албанија.

-Ова се работи што ние како регион треба да ги промовираме, да ги објасниме, бидејќи станува збор за перцепција. Тоа е нешто што треба да го сториме, а се друго е на земјите-членки на ЕУ, кажа Брнабиќ.

Таа изјави дека на вечерата за лидерите на Западен Балкан, фокусот бил ставен на иднината и на она што може да се стори за граѓаните да живеат подобро, истакнувајќи дека се разговарало за важни политички и економски прашања.

Таа додаде дека тема бил и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан, изразувајќи задоволство што пред крајот на годината ќе започне работата на изградбата на автопатот од Ниш до Плочник, потоа кон Приштина, Тирана и до пристаништето Драч.

Српската премерка посочи дека атмосферата на вечерата била коректна и дека немало никакви провокации, потенцирајќи дека сите се обиделе, поради домаќините кои се залагаат за агендата за проширување, да зборуваат за иднината.

Таа кажа дека немала директен разговор со премиерот на Косово, Албин Курти и дека нивните домаќини се обиделе да го претстават регионот во најдобро светло.

Како што се наведува на сајтот на српската Влада, Брнабиќ изјавила дека се зборувало за нон-пејпери, но дека не навлегувале во детали за тие документи, што ги имало многу во минатото, нагласувајќи дека се споменале само како нешто што може да ја наруши тешко постигната добра регионална стабилност.

Според неа, одредени присутни премиери од регионот посветиле посебно внимание на тоа колку регионот се променил. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот