Британија не жали милијарда за изолација на куќи

Семејни куќи спремни за темелна обнова во Холмфрит - Фото EPA-EFE/ADAM VAUGHAN

Британската влада планира да издвои фонд од 1 милијарда фунти за проекти за термичка изолација на домови и згради во 2023 година, со цел значително да ги намали потрошувачката на енергија и емисиите на штетни гасови во атмосферата.

Обединетото Кралство и досега издвојуваше средства за изолација, но тие беа ограничени на посиромашните семејства што немаат доволно пари самите да ги надградат домовите. Фондот сега е проширен и според сумата и според пристапноста. Владата објави дека националната програма ќе се спроведува од почетокот на идната година, па сѐ до март 2026 година, како дел од сеопфатниот проект за 15 отсто да се намали потрошувачката на енергија до крајот на оваа деценија.

– Програмата „еко плус“ ќе им помогне на стотици илјади луѓе низ Кралството подобро да ги изолираат своите домови и да ја намалат потрошувачката на енергија за греење и за ладење. Семејствата ќе може да заштедуваат по стотици фунти годишно – најави министерот за финансии Џереми Хант.

Британците не се изземени од континенталната енергетска криза и семејните буџети трпат силни последици од војната во Украина и запирањето на испораката на гас од Русија. Властите за оваа фискална година издвоија субвенции во износ од 25 милијарди фунти, а за идната планираат да издвојат 13 милијарди.

Секретарот за енергетика и бизнис Грант Шапс вели дека националната програма за изолација ќе им помогне и на семејствата, но и на државата за да ја надмине зависноста од увезена енергија.

Од новиот фонд 80 отсто ќе бидат издвоени за семејства што не ги исполнуваат критериумите да добиваат помош врз основа на примањата, а чии домови не се доволно енергетски ефикасни. Фондот ќе се полни од буџетот за енергетска ефикасност од 12,6 милијарди фунти до 2028 година.

Властите издвоија и 18 милиони фунти за кампања за охрабрување на граѓаните да ги направат своите домови енергетски поефикасни, да ги исклучуваат грејните тела од просториите во кои не престојуваат и да ја намалат температурата на водата во бојлерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот