Илустрација / Фото: Freepik

Британец бил одбиен на 1.000 работни места, се преселил во друга земја и веднаш нашол работа

Британец кој испратил 1.000 апликации за работа низ Велика Британија, но бил повикан на само четири интервјуа, вели дека „лесно“ нашол работа откако се преселил во Австрија, на само два часа лет од неговиот дом.

Тамер Зеки, 29, решил да го напушти Лондон и да се пресели во мало австриско село со околу 400 жители откако во Велика Британија не успеал да најде работа како аналитичар на податоци, пишува „Експрес“.

По тримесечен курс за аналитика на податоци, Тамер почнал да испраќа апликации. Испратил околу илјада, но не добил ниту една понуда.

– Продолжив да аплицирам. Испратив 1.000 апликации во Лондон и добив само четири интервјуа – рекол тој.

Во исто време, неговата девојка Ана Хаселбек барала работа во нејзината родна Австрија. За три недели, таа имала три интервјуа и една понуда.

– Разговарала со семејниот стоматолог за нашата ситуација и тој рекол дека има работа за двајцата – рекол Тамер.

Здравствениот центар каде што работи стоматологот во тоа време го ширел својот бизнис.

Ана вели дека била изненадена од разликата меѓу двете земји.

– Пазарот на трудот во Велика Британија е многу конкурентен. Во Австрија, двајца до тројца кандидати аплицираат за работа. Во Велика Британија, имало и по 5.000 кандидати – рекла Ана.

Парот претходно бил во врска на далечина, па преселбата го решила тој проблем. По Брегзит, пристигнувањето на Ана во Англија било комплицирано поради проблеми со визите, додека на Тамер му било полесно да добие работна дозвола во Австрија бидејќи веќе имал обезбедено работа.

Тие се преселиле во Долна Австрија во април 2025 година, во село во средината на шумата со еден пат и еден ресторан, управувано од родителите на Ана. Тамер сега работи како дигитален ортодонтски техничар, додека Ана е раководител на канцеларија во истиот здравствен центар.

Нивните трошоци за живот се значително пониски отколку во Лондон. Стан со три спални соби таму чини околу 915 евра, додека во Лондон Тамер барал станови со една спална соба за околу 1.400 евра. Неделното пазарување сега ги чини околу 50 евра, половина помалку отколку што ги чинело порано.

Сепак, живеењето во мал град има свои недостатоци. Тие мора да возат 25 минути до кино или кафуле, па затоа слободното време најчесто го поминуваат шетајќи или дома.

– Може да биде осамено. Понекогаш не среќаваш никого на прошетката – рекол Тамер.

Открил дека му недостигаат семејството и мачката, а особено му е тешко што често не ги гледа своите внуци. Јазичната бариера, исто така, му предизвикува проблеми. Тој вели дека често користи гестови на работа.

– Посетував курс четири или пет месеци, но не напредувам многу брзо – рекол тој.

И покрај сè, двојката е задоволна од својата одлука. Тамер планира да ја продолжи визата, а заедничкиот живот во Австрија засега им оди добро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот