Босански бизнисмен е киднапиран во Германија, од него две недели нема ни трага ни глас
Германската полиција веќе две недели безуспешно трага по 51-годишниот Исмет К., бизнисмен од Босна и Херцеговина, кој бил грабнат од непознати сторители на шумски пат во близина на берлинската населба Вајдманслуст, објави „Независне“.
Препорачано
Оттогаш му се губи секаква трага, поради што полицијата и обвинителството се принудени да побараат помош од јавноста.
Како што потврди портпаролот на берлинското обвинителство, државниот обвинител Михаел Пецолд, „бизнисменот на 23 април во 11:15 часот од страна на засега непознати мажи, веројатно со употреба на сила, бил вметнат во бело комбе (транспортер) и одвезен. Оттогаш му се губи секаква трага“.
Ни трага ни глас
Дали Исмет К. е сè уште жив, истражителите не можат да кажат. Пецолд наведе:
– Досега немало никаков контакт од грабнувачите со семејството на грабнатиот, ниту со лица од неговото опкружување – наведе Перцолд.
Полицијата и обвинителството не ја исклучуваат можноста за тешко кривично дело. Поради тоа, истрагата ја презеде 3-та комисија за убиства при Криминалистичката полиција на Берлин.
Место на грабнувањето
Како место на грабнувањето е наведена крстосница во северен Берлин. Дали пред грабнувањето имало закани или барања за пари, Пецолд не сакаше да коментира поради истрагата, но додаде:
– Истражните податоци укажуваат дека финансискиот мотив не е исклучен.
Полицијата бара сведоци
Бидејќи веќе две недели нема никаква трага од Исмет К., полицијата денеска се обрати до јавноста, барајќи сведоци кои можат да дадат информации за неговото престојувалиште или кои на 23 април на Волфахер Пфад во Вајдманслуст го виделе грабнувањето.
Тие додадоа дека наводно сè се случило кај куќниот број 3 кога запрело бело комбе, а непознати сторители насилно го вметнале внатре државјанинот на БиХ, ги затвориле вратите и го одвеле во непознат правец.


