Благоја Чоревски - актер / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Благоја Чоревски емотивно за сопругата Магдалена: „Ги поминав сите будалаштини, таа е заслужна за ова што сум денес“

Сопругата на Благоја Чоревски, Магдалена, е негова верна сенка. Актерот и неговата животна сопатничка можат да се забележат заедно на речиси сите јавни настани, што е доказ за нивниот складен брак и меѓусебната поддршка која трае со децении.

Во една прилика, во гостување на телевизија Сител, Чоревски зборуваше за својата сопруга Магдалена, за децата и за внуките. Неговата постара внука Лина Чоревска е актерка во Битолскиот театар и таму живее, а помладата внука Лина Тодоровиќ живее во Скопје.

„Сум ги поминал сите будалаштини, сега сум стабилизиран, но детето во мене сè уште постои. Еден од големите заслужни луѓе за она што сум денес, освен моите родители, е и мојата сопруга. Воопшто не жалам, и уште 150 години да живеам, истото ќе го правам. Ја љубам оваа професија, па ништо не може да ме тргне, дури ни смртта… не знам дали и таа ќе ме тргне од неа“, додаде легендарниот актер.

Магдалена на својот фејсбук-профил сподели текст за својот сопруг од фејсбук-страницата „Тиквеш инфо“, со што покажува колку е горда на него.

„Благоја Чоревски е едно од најзначајните имиња во македонската актерска уметност – актер со богата кариера, силен сценски израз и препознатлив уметнички печат. Роден на 9 септември 1947 година во Велес, потекнува од актерско семејство и уште рано се насочува кон театарот. Театарската академија ја завршува во Софија во 1971 година, по што станува дел од Драмски театар – Скопје, каде ја гради својата кариера.

Во текот на годините, Чоревски создава импресивен театарски опус со бројни значајни улоги. Меѓу нив се „Свадба“, „Задржливиот подем на Артуро Уи“, „Болва в’уво“, „Ескуриал“, „Црнила“, „Хамлет“, „Ревизор“, „Трамвај наречен желба“, „Чија си“, „Сега му е мајката“, „Диво месо“, „Фани Мани“, „Крал Иби“, „Сили во воздухот“, „Кула Вавилонска“, „Чернодрински се враќа дома“, „Животот е сон“, „Брачна игра“, „Евангелија на глупоста“, „Буре барут“, „Лет над кукавичјото гнездо“, „Птица со главата меѓу нозе“ и „Вујко Вања“. Во поновиот период настапува и во „Среќен мртовец“ (2023) и „Животот е краток и нејасен“ (2025).

Покрај театарот, Чоревски остави силен белег и во филмската и телевизиската продукција. Неговата филмографија вклучува: „Волшебниот воз“, „Табакерата“, „Итар Пејо“, „Големата соба“, „Исправи се, Делфина“, „Пресуда“, „Време, води“, „Булки крај шините“, „Лет во место“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Викенд на мртовци“, „Еурека“, „Алф од Ново Лисиче“, „Тетовирање“, „Самоуништување“, „Салон Хармони“, „Агенција осамени срца“, „Битолски лакрдии“, „Балкан бенд“, „Вистинска љубов“, серијата „Преспав“, како и поновите остварувања „Ругање со Христос“, „Врба“, „Лена и Владимир“, „Кајмак“ и „Утре наутро“.

Со повеќе од пет децении активна работа, Благоја Чоревски останува еден од столбовите на македонската сцена, актер кој со својот талент и посветеност остави траен белег во културата“, стои во објавата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот