Бизнисменот Етеми за кривичната пријава: Обид однапред да се креира атмосфера на линч
Откако бизнисменот Фатмир Етеми доби кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, во која тој е обвинет за злоупотреби при тргување со акции остро реагираше дека обвиненијата се измислени и имаат за цел да му наштетат на неговиот углед.
Препорачано
„Во врска со вчерашната пријава поднесена од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при МВР, сакам да ја информирам јавноста дека станува збор за погрешно утврдена фактичка состојба со која надлежните институции и граѓаните се доведени во заблуда, а на мене лично ми е нанесена штета и нарушен угледот кој го градам години наназад во бизнис секторот и затоа најостро ги демантирам наводите по повод оваа измислена поднесена кривична пријава,“ изјави Етеми, додавајќи дека постои „обид однапред да се креира атмосфера на линч.“
Според пријавата на МВР Етеми, како член на раководството на една банка, добил внатрешни информации за висината на дивидендата и потоа купил акции заедно со членови на неговото семејство, но Етеми, ги отфрла овие тврдења, нагласувајќи дека купувањето на акциите се случило еден месец по јавното објавување на дивидендата.
„Сакам јасно да кажам дека нема апсолутно никаков основ за злоупотреба на внатрешни информации која се однесува со висината на дивидендата за 2023 година, бидејќи моето стекнување на 500 акции е речиси еден месец подоцна, откога висината на дивидендата за 2023 година е јавно објавена за целата јавност,“ нагласува Етеми.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал во соработка со Одделот за криминалистичка полиција вчера поднесе кривична пријава против Етеми поради основано сомнение за сторено кривично дело „измама при работењето со хартии од вредност и удели по чл. 275 ст. 3 од кривичниот законик.
Пријавениот во својство на член на Надзорен одбор на банка од Скопје, злоупотребил внатрешна информација која се однесува на висината на дивидендата за 2023 година, која како член на надзорен одбор ја дознал во текот на 2024 година. На тој начин користејќи ja ценовно чувствителната информација истиот се стекнал со 500 обични акции, по просечна цена на чинење на акција од 16.400,00 денари или вкупно за акциите платил 8.200.000,00 денари.
Кривично пријавениот сензитивните информации ги пренел и на трети лица поточно на членови на негово потесно семејство со што истите ја искористиле информацијата на начин што купиле 701 хартија од вредност (акција) на банката, по цена пониска од цената која што ја достигнала хартијата од вредност (акција). Односно за акциите бил платен вкупен износ од 11.520.967,00 денари, а овозможило да се стекнат со вкупна корист од 639.000,00 по основ на ценовната промена на акцијата како и вкупно 646.100,00 денари по основ на дивиденда. Со ова лицето Етеми прибавил противправна имотна корист за себе и за членовите на неговото семејство и на тој начин сторил кривично дело „Измама при работењето со хартии од вредност и удели по чл. 275 ст. 3 од КЗ.
Етеми нагласи дека акциите кои тој и неговото семејство ги купиле биле набавени „по пазарни цени,“ врз основа на понудата и побарувачката на редовниот пазар на Македонската берза.
„Дополнително, сакам да истакнам дека купувањето на акциите се изврши во редовно класично тргување по берзански и пазарни цени на денот на купувањето. Сите мои трансакции и трансакциите на моето потесно семејство беа по пазарна вредност и не се извршени со намера да се стекне каква било незаконска имотна корист,“ потенцира Етеми.
Тој исто така ги отфрли обвинувањата дека овие акции биле стекнати со цел за манипулација, посочувајќи дека сите купени акции ги поседува долгорочно и не ги продава.
„Акциите кои ги купувам лично и акциите кои ги купува моето потесно семејство се купуваат континуирано и сукцесивно во изминатите 5-6 години. Истите акции ги поседуваме долгорочно и не сум извршил никаква продажба на акции за да имам прибавено некаква противправна имотна корист за мене или за моето семејство,“ додаде тој.
Во однос на својата бизнис-репутација, Етеми подвлече дека неговата компанија „има традиција на успешно работење во градежништво“ и дека целото негово работење е транспарентно. Тој ги повика институциите да не подлегнуваат на притисоците и изрази уверување дека ќе одлучуваат „исклучиво врз база на законите и прописите во земјата“.


