Бизарна кавга меѓу соседни села во битолско: Не можат да се договорат чија е капелата

Фото: Телма / принтскрин

Капелата градена од жителите на битолските села Долно и Горно Агларци, наместо да им служи на сите, станала „јаболко на раздорот“ меѓу соседните села, а во бизарниот случај се вмешала и политиката, објави „Телма“.

Едните преку ноќ ги чкртаат ѕидовите на капелата, а другите преку ден бришат и варосуваат, јавува телевизијата.

Работата стигнала и на суд за да се расчисти во чие владение е капелата, кој колку вложил и кој кому должи. Дел од жителите на Долно и Горно Агларци велат нетрпеливоста има партиска боја, а други не признаваат дека политиката не ги остава на мира ниту покојните.

Пред две години, тогашниот претседател на месната заедница, инаку градежен работник, Драган Каранфиловски, почнал да ја гради капелата, откако општината Новаци за таа намена издвоила 4.000 евра, а мештаните додале по 250 денари како самопридонес. Но, парите не стигнале, па покрај донациите, Каранфиловски вели дека вложил 1.000 евра свои пари за дограма, клима и струја, со надеж дека Црковниот одбор ќе му ги врати кога работите ќе бидат завршени.

„Јас како претседател на СДСМ овој објектот го изградив. Многу му беше криво на опозиционерите што се од Црковниот одбор од ВМРО, зошто јас градам. Се обратив до Црковниот одбор да ми ги вратат 62 илјади, ми рекоа: Пари имаме, ама тебе не ти даваме“ вели Каранфиловски за „Телма“.

Тој тужел, но го изгубил судскиот спор затоа што не можел да докаже кој ја узурпирал капелата, кој ја сменил бравата и кој ги има клучевите од објектот.

„За краток период, ако не ми излезат во пресрет, јас ќе бидам приморан да си ја земам мојата лична инвестиција, ПВЦ дограмата, климата, струјата“ – вели Каранфиловски.

Претседателот на Црковниот одбор во Агларци, Александар Петковски, одбил да разговара со новинарката на „Телма“ и рекол дека нема што да каже на оваа тема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот